Поголема група на бугарски државјани и денеска го посетија градскиот пазар во Делчево. Сметаат дека цените се слични малку на пазарите во Бугарија, но сепак посочија дека зеленчукот и овошјето се за нијанса поевтини заради што доаѓаат барем еднаш месечно на пазар во Делчево, првиот град по границата помеѓу двете држави.

Цените се нормални и задоволителни. Ориз, јужно овошје, зеленчук…тоа ни е на агендата денес за купување. Ќе најдеме и по некој млечен производ, а ако успееме и ќе ручаме во некоја од вашите кафеани, вели жител од Благоевград.

Жител на Делчево додава дека Бугарите најчесто се овде токму за храната која се служи во делчевските угостителски објекти.

На Бугарите најслатки им се ќебапчињата, денес гледам повторно се тука, минатата сабота имаше повеќе автобуси. И за нас останатите добар е пазарот денес, има разновидна понуда, додава граѓанин на Делчево затекнат на градскиот пазар.

Повеќето пазарџии се задоволни како се движеше продажбата во рамки на денешниот пазар, додека некои велат дека граѓаните понекогаш премногу се „ценкаат“ за робата.

Јас сум од Тработивиште. Не е скап пазарот, еве јас продавам зелка, цената е 40 денари парче. Исто имам и домашен компир и тој не е скап, но кога купуваат велат скапо им е. А навистина не е скапо и ние понекогаш треба да си го цениме трудот, што е 30,40 денари за една зелка или 1 килограм компир, вели производител од Тработивиште.

Саботниот пазарен ден помина во знакот на градинарските производи, погодни за производство на ајвар, туршија и други намирници кои се употребуваат при подготовката на зимница.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.