Сметам дека ова е позитивен сигнал и кон граѓаните, дека сепак политичките партии коишто се доминантни во државата и коишто ги застапуваат граѓаните во Парламентот можат да седнат на иста маса и да разговараат за клучните проблеми коишто се однесуваат и на граѓаните и на иднината на државата, изјави вечерва премиерот Димитар Ковачевски осврнувајќи се на денешната лидерска средба што се одржа во Собранието.
Тој во гостување на ТВ Сител нагласи дека е нормално да има различни политички ставови, но, како што истакна, доколку се седи, доколку се разговара, тогаш и добар дел од тие политички ставови можеби во иднина и ќе бидат приближени.
Ова беше прва средба на којашто разговаравме, дел од политичките лидери го поздравија овој формат на средби со оглед на тоа дека можеа одблизу да се информираат за детали во однос на процеси кои што се одвиваат и ќе повторам уште еднаш и за евроинтеграциите и за справувањето со енергетската криза и за основните претпоставки во буџетот за 2023 година, антикризните мерки, исто така претседателот на Собранието ги објасни и процедурите и постапките во детали коишто се однесуваат на евентулани уставни промени во државата, појасни Ковачевски.
Премиерот додаде дека и во иднина ќе се одржуваат лидерски средби.
Ќе има нови лидерски средби, апсолутно, ние и честопати сме разговарале со лидерите на политичките партии, јас редовно разговарам со нив, меѓутоа сметам дека овој формат денеска се покажа како добар за да секој може да ги каже своите политички ставови по однос на најважните прашања, потенцираше Ковачевски.
За ВМРО-ДПМНЕ, ова интервју на Ковачевски во вестите на „Сител“ по лидерската средба беше бледо, без решенија и со куп импровизации.
Ковачевски нема мнозинство за уставни измени. Нема да му помогнат ниту 100 лидерски, ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за промена на уставот под овие околности, без да има цврсти гаранции за нашата ЕУ иднина без дополнителни условувања. Ковачевски и неговите политики не се во сообразност со Македонските интереси. Загрозен е јазикот, идентитетот и историјата, а власта ги заборава и Македонците во Бугарија. Економски Ковачевски покажа дека нема никаков план. Денес излезе статистика на ДЗС според кој извозот во период јануари – септември во споредба со истиот период лани зголемен за 20%, а увозот за 28%, тоа покажува дека трговскиот дефицит се продлабочува. Со Владата на Ковачевски имаме зголемен трговски дефицит, огромен буџетски дефицит, јавен долг кој за три години е зголемен за над 2.5 милијарди, и инфлација помеѓу највисоките во Европа. Ковачевски нема решение ниту за еден од овие проблеми. Економските показатели покажуваат дека земјата оди надолу. Немаме напредок ниту на едно поле. Затоа се потребни предвремени парламентарни избори, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.