Директорот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, утринава во емисијата „Утрински брифинг“ рече дека големиот пожар во фабриката „Пофикс“ во објектот кој се наоѓа во близина на центарот на Тетово, бил навремено локализиран и била спречена голема трагедија.
Ако не го локализиравме, ќе одеше кон силосите со плин со капацитет од повеќе тони и ако дојдеше до експлозија, добар дел од градот ќе го немаше, рече првиот човек на ЦУК.
Мерењата кои тој ги добил претпладнево велат дека ПМ честиците се околу 50 и им порача на граѓаните да бидат спокојни, бидејќи како што вели, нема загадување.
Изгоре само еден дел, првите две-три хали. Клучна за големиот пожар била првата во која се чувале суровините за производство кои развиваат голема температура, ги сумираше впечатоците Ангелов, кој бил во Тетотво во текот на целиот вчерашен ден.
Додаде дека гаснењето од воздух е отежнато кога објектот има покрив, а хеликоптерот при тоа требало да минува низ густиот чад.
Ќе почекаме стручните тимови од крим-техника да ги откријат точните причини за пожарот, рече Ангелов при тоа несакајќи да шпекулира за тоа под кои околности настанал инцидентот.
Директорот на ЦУК додаде дека ТАВ Македонија брзо излегла во пресрет со доставување на пена за гаснење, откако резервите за брзо време биле потрошени. За него е особено значајно тоа што вчера за прв пат хеликоптер на МВР учествувал во гаснење на пожар по претходно помината обука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.