По вчерашниот неуспешен обид за избор на нов претседател на Судскиот совет и обвинувањата што следеа дека со одлагањето на седницата се остава простор за влијанија за да се стокми мнозинство, премиерот Димитар Ковачевски денес ги охрабри судските органи да пријават доколку некој им се мешал. Премиерот за себе кажа дека никогаш немал состанок со претседател на суд ниту со претседател на Судски совет.

Јас лично за мене можам да кажам никогаш не сум имал ниту еден состанок со ниту еден претседател на суд, ниту со претседател на Судски совет бидејќи судовите се независни, судската власт е независна, извршната власт е независна и законодавната власт е независна. Секој мора да си ги извршува работите во рамките на своите надлежности. Дали некој им се мешал тоа ќе треба самите да го пријават низ соодветна процедура – рече  Ковачевски.

Сцени како оние од седницата за разрешување на досегашната претседателка на Судскиот совет Весна Дамева, премиерот Ковачевски повтори дека не доликуваат на највисокиот орган во правосудството.

Министерот за правда вчера имаше соопштение во кое го даде мислењето кое и јас го делам. Тој побара во рамки на своите надлежности да го видат во Министерството за правда записникот од самата седница. Она што останува е правосудните органи на ниво кое што е потребно да ја извршуваат својата работа – вели Ковачевски.

Седницата за избор на нов претседател на Судскиот совет вчера беше одложена со образложение дека недостасува еден член, а кога се работи за избор на претседател, телото треба да гласа во полн состав иако со еден член помалку претходниот ден од функцијата беше разрешена Дамева. Таа обвини дека се остава простор за влијанија од кои нејзиниот заменик не ги заштитува членовите на Судскиот совет и се посомнева дека го одлага гласањето оти нема мнозинство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.