Одбраната на генералниот секретар на Владата во оставка Мухамед Зекири, денеска поднесува жалба за судското решение за 30-дневен притвор. Адвокатот Александар Трајковски за Алсат вели дека во жалбата се побиваат трите основи за притвор, односно се исклучува можноста за бегство на Зекири, неговото влијаење врз истрагата или повторување на делото. Обвинителката Катерина Коларевиќ рече дека цврсти докази за бегство нема, но поради оперативни сознанија постои таков сомнеж.

Од Судот информираат дека ќе почекаат 48 часа да видат дали на нивна адреса ќе пристигнат жалби за притворот, од страна на одбраната или обвинителството, па најверојатно од понеделник ќе носат одлука.

Зекири вчеравечер заврши во Истражниот затвор во Шутка, на барање на Обвинителството, кое го сомничи за проневера. Од Обвинителството соопштија дека првоосомничениот ја злоупотребил службената положба, склучувајќи договор без јавна набавка. Според Обвинителството договорот бил склучен со правно лице, во што со умисла му помогнале двајца хрватски државјани, кои во моментов не се достапни за органите на прогонот.

Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од над 57 милиони денари, а на штета на буџетот. Износ што бил поголем од 795.000 евра односно од договорениот износ за вршење на консултански услуги – пишува во официјалното соопштение од Обвинителството.

Зеќири, преку фејсбук статус поднесе неотповиклива оставка од функцијата, а премиерот Димитар Ковачевски нагласи дека тоа е акт на политичка одговорност.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.