Поранешната министерка за надворешни работи на соседна Бугарија денеска изјави дека Бугарите се дел од реалноста на Македонија и дека не е голема работа тоа да се преслика во Уставот, за да отпочнат преговорите со ЕУ. Кога сме кај фактите, прашање е дали за Захариева се реалност десетината пресуди од Судот за човекови права во Стразбург, кои се однесуваат на оневозможување на правото на здружување на Македонците во Бугарија?

Ова, на својот Фејсбук профил го напиша пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој ѝ порача на Захариева дека ќе биде многу продуктивно за двете соседни држави доколку Бугарија реално ги почитува пресудите на оваа пан-европска судска институција.

Во спротивно, додаде тој, хипокризија е да се говори за реалноста во дворот на соседите, а да не ја почитуваш реалноста во сопствената држава.

А за уставните измени, европскиот принцип е секоја земја да одлучува самостојно за Уставот, како највисок правен акт, кој е заедничка општествена повелба на граѓаните во секоја држава. Но, за жал, за ваквите лекомислено преземени обврски не ни се толку криви претставниците на официјална Софија како Екатерина Захариева, Кирил Петков или Румен Радев. Примарната кривица е кај Ковачевски, Бујар Османи, Маричиќ и другите политички главоклимачи, кои се надеваат дека нивниот мандат ќе трае ден подолго доколку тие дадат согласност на секој диктат што Македонија ќе ја доведе во потчинета положба. Токму затоа ова е убедливо најслабата владина екипа во последниве 30 години, која ѝ носи повеќе штета отколку корист на Македонија, напиша Милошоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.