Во Кинотека вечерва ќе се одржи традиционална ревија на филмови од последното, 18. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ што се одржа во Струмица, под мотото „Со нови искуства“.

Програмата опфаќа четири наградени странски кратки играни филмови: данскиот „Ивалу“, американскиот „Еж“, австралискиот „Штипење“ и британскиот „Ирско збогум“. „Ивалу“ на Андерс Валтер и Пипалук К. Јоргенсен е краток игран филм, номиниран за Оскар и добитник на „Златна потковица“ (Гран При) на „Астерфест“, со приказна која се обидува на фантастичен начин да ги разоткрие тајните на гренландската природа. „Еж“ на Д. Митри е краток игран филм, добитник на „Сребрена потковица“ на „Астерфест“, кој ја допира човечката димензија во руско-украинската војна. „Штипење“ на Еми Патмор и Ана Дворжак е краток игран филм, добитник на „Бронзена потковица“ на „Астерфест“, обработувајќи суптилна тема за ученичка која се бори со тивката болест.

Ексклузивно ќе биде прикажан и „Ирско збогум“ на Том Беркли и Рос Вајт, добитник на Оскар и добитник на Специјална награда на „Астерфест“. Се работи за трогателна сторија за отуѓените браќа кои се принудени да се зближат по прераната смрт на нивната мајка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.