Вил Фирт во ноември е на преведувачка резиденција во Скопје во рамки на проектот „Превод во движење“. Проектот „Превод во движење“ (Translation in motion) е финансиски поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Во текот на својот престој тој ќе работи на преводот на романот „Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски. Фирт е книжевен преведувач од македонски, српски, хрватски, германски и руски јазик. Дипломирал германски и руски јазик на Националниот универзитет во Канбера, Австралија. Бил стипендист на Универзитетот во Загреб и на Институтот „Пушкин“ во Москва. Од 1990 година Фирт живее во Германија, каде што работи како слободен преведувач на литература и дела од областа на хуманистичките науки.

Превел книги или извадоци од книги од Александар Прокопиев, Драги Михајловски, Влада Урошевиќ, Блаже Миневски, Димитар Башевски, Иван Додовски, Румена Бужаровска, Фросина Пармаковска, Ненад Јолдески и други. Резиденцијата ја организира издавачката куќа „Готен“ во рамките на меѓународниот проект „Превод во движење“ (Translation in Motion), поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

„Превод во движење“ е меѓународен проект кој опфаќа резиденции на книжевни преведувачи во Франција, Шведска, Велика Британија, Летонија, Црна Гора, Македонија, Бугарија, Албанија и Србија. Целта на проектот е да се зголеми соработката меѓу книжевните преведувачи од земјите во кои се реализира и да се интензивира книжевната размена во земјите од Западен Балкан и земјите-членки на Европската Унија. Во рамки на преведувачките резиденции, преведувачите и преведувачките работат на конкретен книжевен превод, кој потоа ќе биде објавен во нивните земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.