Меѓународниот конкурс за поезија во Сицилија, Италија „Антево слово 2021-2022“ ги информира заинтересираните автори дека остануваат уште десет дена до кога може да пратат свои стихови за учество и награда на поетската манифестација.

Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“), во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“ годинава по петти пат го распишува конкурсот за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“, специјална награда на фестивалот, востановена во чест на Анте Поповски.

На конкурсот може да учествуваат поети од земјава кои ќе пратат една своја необјавена песна на е- адресата: [email protected] на македонски и италијански или на англиски јазик. Со учеството на овој конкурс тие автоматски учествуваат и за носечката награда на манифестацијата „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“. Рокот за праќање на поетските творби е 30 јануари 2022 година.

Сите пријавени учесници ќе имаат можност да влезат во конкуренција за двете награди, носечката награда „Анџело Ла Векија“, награда која е именувана по проф. Анџело Ла Векија, познат во Сицилија и на територијата на Италија со неговата работа како поет, драмски писател, историчар и професор, и специјалната награда „Антево слово“ која ќе се доделува во чест на Анте Поповски, познатиот македонски поет, есеист, препејувач и публицист, соопштија организаторите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.