„Сеќавање за трагачот по убавината“ е насловен омажот што ќе се одржи вечерва со почеток од 19 часот во објектот Мала Станица во чест на фотографот Љупчо Илиевски, во рамки на манифестацијата „Денови на европско Скопје“ во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје со поддршка од Универзитетот за туризам и менаџмент.

Како што информираат од Дирекцијата за култура и уметност, на омажот ќе бидат изложени триесетина фотографии, избор од творештвото на Илиевски, а куратор на изложбата ќе биде фотографот Александар Кондев.

Љупчо Илиевски (1955 – 2022) спаѓа во редот на најистакнатите македонски фотографи. Припадник е на средната генерација фотографи, кој негува специфичен, уметнички стил и силен авторски печат. Засега е единствениот фотограф од земјава чии фотографии за мегалитската опсерваторија Кокино се објавени во српското издание на престижното специјализирано списание за фотографија „National Geographic“.

Илиевски е автор на преку 10 самостојни изложби, а како член на „Фото-клуб 25“ учествувал и на повеќе групни изложби. Присутен е на повеќе филмски фестивали, а неговиот потпис стои и под поштенските марки со тема – Теракотни икони и Кокино.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.