„Македоника литера“ деновиве ја објави научната студија „Типологија на писмото“ од д-р Игор Радев, лингвист, синолог и преведувач од старокинески и кинески јазик.
Оваа книга е компаративно и научно изведена студија за видовите писма во светот, историјата и развојот на писмата, но и за писмата како фактор на влијание во развојот на културните системи низ историјата на човештвото. Врз основа на прецизни методолошки рамки авторот нуди нова типологизација на системите на пишување што се користат во светот.
Книгата се состои од три главни дела: во првиот е образложен концептуалниот апарат врз којшто се темели методологијата применета за да се изврши класификација и типологизација на разните писма, односно, системи на пишување на повеќе рамништа; во вториот дел нуди решение од теоретска природа на проблемот на односот помеѓу типот на писмото и својствата на јазикот кодиран од него; во третиот дел, со помош на анализа на конкретни примери од историскиот развој на писмото, ја оценува валидноста на понудената теорија.
Концептуалната рамка во која е развиена методологијата за типологизација на писмата се темели врз Аристотеловата теорија за четирите причини, па во првиот дел на книгата дава модел на примена на овие четири причини: материјалната, дејствената, обликувачката и целната, на различни аспекти од феноменот на писмото и писмениот дискурс, а исто така и врз разни аспекти на феноменот на јазикот.
Во студијата д-р Радев одговара на прашањето зошто различните писма историски се развиле на таков начин што нивните рамништа на претставување на јазикот се различни. Дали тука може да се предложи некаква хиерархија на функционалност или не? Во таа насока тој нуди алгоритам според кој промената на рамништето на претставување на писмото е во непосредна врска со морфолошките и фонолошките својства на јазикот што го кодира. Односно, докажува дека колку морфологијата е поаналитичка, а фонотаксата порестриктивна, писмото употребено да го кодира таквиот јазик тежнее да се фиксира на повисок елемент на јазикот – морфема, збор, а колку морфологијата е пофлексивна, а фонотаксата послободна, тогаш писмото тежнее да се фиксира на понизок елемент од јазикот – слог, фонема…
Книгата е богато опремена со шеми, графикони и табели.
Академик Катица Ќулавкова, во рецензијата за овој научен труд пишува:
„Д-р Радев во ова фундаментално и репрезентативно културолошко и лингвистичко истражување покажува како писмата може да бидат типологизирани врз основа на Аристотеловата теорија на четирите причини. При тоа, тој посветува посебно внимание на обликувачката и целната причина (последните две), сметајќи ги за најрелевантни параметри на класификацијата на писмото. Тој покажува дека главната дихотомија на системите на пишување е помеѓу оние писма, чиишто графеми поседуваат или а) само формална структура (такви писма се: кирилицата, латиницата, арапското писмо, јапонската кана), или б) двојна структура (формална и функционална), какво што е кинеското писмо (па и месопотамскиот клинопис во минатото).“
Игор Радев (1977) е филолог, лингвист, синолог и преведувач од старокинески и кинески јазик. Дипломирал класични јазици на Филолошкиот факултет во Скопје, а магистрирал лингвистика и докторирал (доктор по кинеска филологија) на Нормал универзитетот во Пекинг, Народна Република Кина.
Во круговите на синолозите го сметаат за еден од водечките синолози во Југоисточна Европа. Член е на меѓународната Книжевната мрежа на Појасот и патот, со седиште во Пекинг, како единствен македонски претставник.
Д-р Игор Радев има богат опус на преведени и препеани дела од старокинески и кинески на македонски јазик.
Добитник е на кинеската државна награда „Кинеска награда за особен придонес во литературата“ (највисокото признание во Кина на книжевно-културно поле што може да биде доделено на странски државјанин), на наградата „Григор Прличев“ доделена од Сојузот на литературните преведувачи на Македонија за преводот од древнокинески на македонски, и на наградата на Град Скопје „13 Ноември“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.