Овој текст кој годинава има јубилеј од 140 години, не содржи ниту еден елемент кој не се однесува на нас денес. Игнорантниот однос на мнозинството кај нас ескалира и опишува дека позади скандинавските држави сме може и повеќе од еден век, вели актерот на Македонскиот народен театар (МНТ) Благој Веселинов, кој е дел од екипата на претставата „Народен непријател“ чија премиера е закажана за понеделник, 9 мај, во 20 часот, на големата сцена.

Претставата „Народен непријател“ е дел од проектот „Патишта на хероите“ за кој МНТ доби поддршка од програмата „Креативна Европа“ во рамките на повикот за проекти за културна соработка на Западен Балкан.

Во претставата играат актерите: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Благој Веселинов, Дарја Ризова, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Нино Леви, Александар Михајловски, Мартин Ѓоргоски и Јана Вељановска.

Петар Стокман не е ништо непознато за нас кои живееме во оваа бесконечна транзиција трудејќи се во Европа да станеме европјани

Театарскиот, филмскиот и телевизиски актер Веселинов (38) во „Народен непријател“ го глуми ликот на Петар Стокман, градоначалник и претседател на Управниот одбор на бањата. За својот лик во претставата вели дека е човек без талент и скрупула, или едноставно, политичар, кој понесен од моќта и позицијата, заборава дека е смртен.

Петар Стокман не е ништо непознато за нас кои живееме во оваа бесконечна транзиција трудејќи се во Европа да станеме европјани. Политичар како и сите други, воден од главите на моќниците кои ја контролираат колективната свест од почетокот на времето. Политичар, кој понесен од моќта и позицијата заборава дека е смртен и од птичја перспектива небитен по прашање на неговата лична перцепција. Политичар како и сите други…човек без талент и скрупула. Со прости зборови Петар Стокман е политичар, вели Веселинов во разговор за „Република“.

Веселинов, ѕвездата на наградуваниот филм „Исцелител“ на Ѓорче Ставревски во 2019 година ја доби наградата „Шутинг старс“ (Shooting Stars) на Берлинскиот филмски фестивал, што ја доделува платформата Европска филмска промоција.

„Народен непријател“ се занимава со испитување на улогата на поединецот во општеството, важноста на неговиот глас, како и погубната вистина дека гласот на мнозинството е секогаш помоќен од оној на поединецот, независно кој има право.

Мнозинството со кое живееме е спремно и жедно да осуди и казни. Спремно да се сврти дури и против самите себе несвесно за пропагандата која во форма на забава, реалити и разни шоуа веќе го обликува навидум спонтаниот развој на поединецот, вели Веселинов.

Во време кога, често, системот успева да го сомеле и да го совлада поединецот, прашањето е што е најголем предизвик за еден човек?

Да се спротивстави, да се оттргне, да се спаси макар и во кругот на своето најтесно семејство да биде слободен, додава Веселинов.

Веселинов е дел од екипата со која режисерката Николиќ работи. Играше во „Галеб“, потоа во „Разговор во четири очи“, „Кој пукаше на 21-ви“, „Неверство“…

Со Нина Николиќ и со голем дел од екипата со која работам, растевме и растеме заедно и секако во тој раст имавме многу предизвици и многу пречки. Убавини и потешкотии. Би рекол дека сега се наоѓаме во една зрела фаза, во која уживаме заедно со возраста во која сме. Сцената ја делам повеќе од една деценија со нив и сум среќен за сите процеси во кој се учевме и креиравме. Сметам дека овој проект е најдоброто од нас, вели Веселинов.

МНТ ќе продолжи да продуцира театар и да ја пречекува публиката која никогаш не била пожедна за вистински живот

По пауза од повеќе од две години укинати се скоро сите рестиктивни ковид-мерки во државата. Тоа значи и враќање на театарскиот живот во нормала.

Тоа за македонскиот театар ќе значи живот, допир, мирис. Сите сетила кој ни беа укинати ќе почнат да се враќаат како цвеќињата во пролет и тука МНТ ќе понуди разни ароми на секаква сетилна перцепција, вели Веселинов.

Тој за време на пандемијата е задоволен што имал ангажман. Беше дел и од екипата која го продуцираше документарниот филм „1.000 години – Сведок на светлината“ посветен на Бигорскиот манастир.

Задоволен сум од тоа колку сработев во овој замаглен и трауматичен период. Снимав два долгометражни филма и еве сега како круна ќе се случи премиерата на „Народен непријател” која ја работевме за време на целата пандемија. Едно од тие прекрасни бегства од таканареченото „ново нормално” беше тоа на релација Скопје-Бигорски манастир. Во проектот влегов на позив на мојот брат од филмската обител Илија Ико Каров. МНТ ќе продолжи да продуцира театар и да ја пречекува публиката која никогаш не била пожедна за вистински живот, вели Веселинов.

Следната изведба на „Народен непријател“ е на 10 мај, вторник, на големата сцена на МНТ.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Александар Ивановски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.