На третиот ден од 56. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ на програмата се две претстави, од кои едната во конкуренција за наградите.

Во официјалната програма, од 19 часот на сцената во Центарот за култура „Марко Цепенков“ е претставата на албански театар „Јазли“ од Рефет Абази во режија на Куштрим Бектеши. Во придружниот дел од програмата е претставата „Грета“ во режија на Тамара Стојаноска, а во продукција на театар „Златен Елец“ од Скопје. Изведбата е од 22 часот на сцената од народниот театар „Војдан Чернодрински“.

Од отворањето на Фестивалот во петокот, публиката виде три претстави во конкуренцијата за награди: „Народен непријател“ на МНТ, „Моето име е Горан Стефановски“ на Драмски театар и „Декамерон“ на прилепскиот анасамбл. Промовирана е и книгата „Клиентот на Шекспир“ од Милош Латиновиќ, драмски писател, есеист, романописец, актуелен директор на Битеф театар. Книгата ја промовираше Жељко Јовановиќ.

Утре напладне во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“, во рамките на Фестивалот ќе биде промовирана книгата „Никогаш не е доцна“ од Добрила Ивановиќ Чабриќ, актерка, член на МНТ од 1946 до 1957 година, член на „Позориште на теразијама“. Утревечер од 19 часот  на сцената од Центарот за култура  во конкуренцијата, ансамблот на струмичкиот народен театар „Антон Панов“ ќе ја изведе „Бракот на Марија Браун“ според Рајнер Вернер Фасбиндер во режија на Драгана Таневска. Од 22 часот во прилепскиот народен театар публиката ќе ја види „Семејство“, Дипломска претстава на студентите при ФДУ од Скопје, како дел од придружната програма.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.