Изложбата „Слобода?!“, составена од дела на македонски и бугарски современи ликовни уметници вечер ќе биде отворена во Градска галерија во Созопол, Бугарија. Со оваа изложба Културно-информативниот центар на Македонија во Софија учествува на Меѓународниот франкофонски фестивал „Солеј“, кој по единаесетти пат се одржува во туристичкиот град Созопол на брегот на Црно Море.

Изложбата е дел од проектот „Поврзување“ на КИЦ на Македонија во Софија, кој веќе традиционално го претставува ликовното творештво на активните уметници, со финансиската поддршка на Министерството за култура на Македонија. Целта на проектот е да го претстави ликовното творештво на уметниците и да ја информира културната јавност за новосоздадените дела. Во проектот уште од самиот почеток се вклучени и ликовните уметници кои се oд Македонија, но кои живеат и работат во Бугарија, а нивната улога е водечка во поврзувањето на двете културни сцени.

Во составот на изложбата се делата на уметниците од неформалната група Конекција, кои се од Македонија, но живеат и работат во Софија, Бугарија: Перица Георгиев – Пепси (Скопје), Марјана Иванова (Виница), Зоран Мише (Охрид), Иво Пецов (Виница), Павел Целкоски (Охрид) и Марјан Ѕингаров (Струмица). Тука се делата и на ликовните уметници и професори од факултетите за ликовна уметност во Македонија: Беди Ибрахим (Скопје, ФЛУ), Јован Шумковски (Скопје, ФЛУ), Катерина Деспот (Штип, УГД) и Срѓан Микиќ (Скопје, IBU).

Со своите македонски колеги изложуваат и бугарските ликовни уметници и професори од Националната ликовна академија во Софија: Георги Јанков, Нина Русева, Свилен Стефанов и Васил Колев. Свое учество има и уметницата Марија Алексиева од Бургас.

До 20 јуни во Созопол посетителите ќе можат да ги видат делата од областа на сликарството, графиката, плакатот и фотографската уметност.

По отворањето на изложбата од проектот „Поврзување“ во Градската галерија во Созопол, КИЦ на Македонија учествува во културната програма на единаесеттиот меѓународен франкофонски фестивал „Солеј“ со уште еден културен настан. Тоа е концертот на трио Академико (Златка Митева – флејта, Бранко Павловски – кларинет, Наташа Трбојевиќ – пијано).

Триото ќе исполни музички дела од Ерик Евазен, Ернесто Кавалини, Марјан Јанковки, Луиџи Занинели, Флоран Шмит и Камиј Сен-Санс. Концертот ќе се одржи вечер, со почеток од 20:30 часот, во Археолошкиот музеј на Созопол.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.