„Разведи ме/ Две нијанси црвена“, претставата на театар „Провокација“ од Скопје, во режија на Роберт Ристов, вечерва ќе биде изведена во Центарот за култура во Битола.

Претставите, ОЖЕНИ МЕ и РАЗВЕДИ МЕ, се две поглавја од Флип изданието со наслов „Две нијанси црвена“. Ова е еден уникатен начин да се опфатат две теми/ претстави кои се во нераскинлива врска и претставуваат лице и опачина, едната на другата.

Претставата на еден експлицитен начин, без непотребни цензури, се бави со причините кои најчесто знаат да доведат до распаѓање на бракот. Ситуациите кои ги третираме во претставата ќе ве натераат да погледнете на работите од поинаква перспектива и да ги преиспитате своите ставови околу одредени прашања кои многу често си ги поставувате на себе во дијалогот што го водите пред огледало.

Улогите на брачните партнери на сцена ќе играат Мирјана Поповска Ристов и Роберт Ристов, а во снимените видеа играат актерите Зорица П. Панчиќ (како Марта), Љубиша Савановиќ/гостин од БиХ (љубовникот) и Благоја Чоревски (таткото).

Дали љубовта кон себеси го намалува интензитетот на сакањето на партнерот? Каде е границата? Дали треба безрезервно да му се верува на партнерот? Дали доколку постои неверство, мора да се запечати со РАЗВОД? Дали простувањето на неверството е вистинскиот чекор со кој ќе ги спасиме бракот и љубовта во која сме вложувале со години? Дали по неверството сме засекогаш „оштетени“ луѓе кои никогаш повеќе нема да умеат искрено да сакаат и да веруваат? Дали вреди да се продолжи бракот заради децата? Како можеме да го процениме квалитетот на врската/бракот? Дали љубовта е „прекинувачот“ за нашата среќа?

Овие скокотливи теми ќе бидат експлицитно отворени и дефинитивно ќе ве стават во ситуација да ги преиспитате воспоставените општествено-морални вредности. Ќе ве натераат да ги согледате нијансите во сопствената врска, мотивирајќи ве да ја засилите нијансата на црвена (љубовта), стои во најавата на претставата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.