Претседателката на Собранието на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) Кристина Николовска соопшти дека на 27 јануари ќе закаже продолжување на седницата за вонредното изборно Собрание, поради тоа што на претходната седница немаше кворум за работа.

Новиот датум доаѓа откако писателите не го избраа новото раководство, поради немање кворум за да се одржи вонредната седница закажана за сабота, 25 ноември. Од вкупно 286 члена на ДПМ, беа присутни 73, а за кворум на работа на седницата беа потребни 96, објави претседателството на ДПМ. Беше избрана Верификациона комисија, а Вонредното изборно собрание немаше кворум за работа.

Почитувани членови на ДПМ, ве известувам дека закажувам продолжување на седницата за вонредното изборно собрание на ДПМ за 27.01.2024 година во 11 часот во просториите на ДПМ, поради тоа што на закажаната седница за 25.11.2023 година немаше кворум за работа, соопшти Николовска на фесјбук страница на Друштвото.

За претседател на Друштвото остануваат кандидатурите на Миневски Блаже и Нешовски Мирче, а кандидатите за претседател на Собранието на ДПМ се Антоновски Иван и Марковски Стефан.

Мнозинството од присутните писатели со писмо до јавноста реагираа дека актуелното раководство во заминување направило удар. Своерачно потпишани 64-ца писатели присутни во текот на дискусијата, гласаа за заедничките заклучоци.

Ударот врз ДПМ беше подготвуван изминатиот период од претседателката на Собранието на ДПМ, Кристина Николовска со тоа што: и покрај барањето на членови за увид и прочистување на Избирачкиот список, таа не го овозможи тоа и во списокот останаа починати лица. Таа оневозможи членовите на ДПМ што живеат надвор од земјата да гласаат на Вонредното изборно собрание, без да прифати и понуди решение нивното очекувано отсуство да не влијае на кворумот на седницата. Повеќе од половина од членството на ДПМ според јавно објавениот список на веб-страницата на ДПМ, што не користи електронска пошта, воопшто не беше информирано за одржувањето на Вонредото изборно собрание, и покрај обврската на претседателот на Собранието преку други начини на комуникација да ги информира и да им ги достави материјалите за седницата, стои меѓудругото во нивната реакција.

Дел од членовите на ДПМ бараат од Николовска итно да организира продолжение на седницата на Собранието на 27 јануари 2024 година и итно да го прочисти списокот на ДПМ од починати членови и да овозможи јавен увид во списокот. Тие велат дека отсега натаму, секое соопштение испратено од официјалната адреса на ДПМ зад коешто стојат Христо Петрески и Кристина Николовска, освен соопштение во врска со продолжението на Вонредното изборно собрание, се смета нелегитимно.

mde

Вонредното собрание беше закажано откако на 9 октомври претседателот Христо Петрески поднесе неотповиклива оставка поради здравствени причини, по што Кристина Николовска, претседателка на Собранието свика Вонредно изборно собрание. На 14 октомври, Петрески ја повлече неотповикливата оставка и рече дека била „изнудена поради притисоци, уцени и закани“. На 15 октомври, 21 проминентен член од различни генерации на Друштвото на писателите на Македонија јавно ја повикаа Николовска, во согласност со Статутот на ДПМ, да подготви и да испрати до членството Дневен ред како и Деловник за Вонредното изборно собрание.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.