Меѓународниот фестивал за кларинети „Кларифест – Скопје 2024″ ќе се одржи од вечерва до недела во Скопје. На отворањето во 20 часот во Културно-информативниот центар во Скопје, ќе настапат ученици и студенти од музичките училишта и факултети во државата. Здружението за култура и уметност „Артистико“ најавува семинари, презентации и концерти за кларинет, а гости годинава ќе бидат реномирани професори и интернационални солисти на кларинет Барбара Борович од Полска (професор на Музичката академија во Краков) и Весли Фереира од САД (професор на Факултетот за музика, театар и танц на Државниот универзитет во Колорадо).

Ќе следат дводневни семинари за кларинет и презентација на кларинети од брендот „Селмер-Париз“.

Фестивалот ќе биде затворен со камерен концерт на кој ќе настапат гостите солисти Барбара Борович – кларинет (Полска) во пијано придружба на македонската пијанистка Елена Атанасовска-Ивановска и Дуото „Жака“ од САД во состав Весли Фереира – кларинет и Џексон Вилиамс – гитара. Kонцертoт ќе се одржи в недела (7 април) во 20 часот, во Музејот на македонската борба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.