Мартовската програма во Кинотеката ја започнуваме со холивудскиот хит КУЌАТА ГУЧИ (House of Gucci, 2021) на Ридли Скот (Ridley Scott), со Лејди Гага, Адам Драјвер, Џереми Ајронс, Џаред Лето, Ал Пачино и Селма Хајек во ѕвездениот кастинг, филм инспириран од вистинската приказна за семејното царство на италијанската модна куќа „Гучи“, соопштија од Кинотека на Македонија.

Сместен во 3 декади исполнети со љубов, предавство, елеганција, одмазда и конечно убиство, во овој филм, снимен според книгата на Сара Геј Форден (Sara Gay Forden), гледаме колку вреди името Гучи и колку далеку ќе оди едно семејство за да го контролира тој бренд. Филмот е инспириран од шокантната вистинска приказна за семејното царство што се крие зад италијанската модна куќа Гучи.
Приказната е фокусирана на внукот на легендарниот италијански дизајнер Гучо Гучи, Маурицио (Драјвер) и неговата бивша сопруга Патриција Реџани (Леди Гага).
Реџани беше обвинета и осудена за планирање на убиството на својот бивш сопруг Маурицио Гучи, кој едно време беше главен шеф на модната куќа. Тој беше убиен од платен убиец пред својата канцеларија во 1995 и Реџани беше уапсена две години подоцна, за потоа да биде осудена на 29 години затвор. Реџани, која од медиумите доби прекар Црна Вдовица, беше ослободена во 2016 поради добро однесување.
Светската премиера на „Куќата Гучи“ се случи во ноември 2021 година, на 100-годишнината од основањето на модната куќа.
Филмот, чиј кастинг е (пре)полн со холивудски ѕвезди, досега забележа шеесетина номинации за награди, меѓу кои и три за британската награда БАФТА, и освои десетина награди.

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

Целата програма погледнете ја на следниов линк.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.