Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, вчеравечер се обрати на отворањето на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, во херојскиот град кој е израз на македонскиот непокор и ризница на македонската култура и традиција.

Пред големиот аудиториум, во духот на идејата за слобода на својата држава на хероите од Илинденското востание и од Народноослободителната борба, министерот Љутков рече: „ Денеска, во пресрет на Илинден, повторно му кажуваме на светот дека Македонија не беше и не ќе биде јалова грутка, за да ја поткршува кој најде и кој ќе стигне. Денеска, на страниците на светското паметење, со гордост запишуваме дека пред сто дваесет и една и пред точно осумдесет години, ние ги избравме и ги испративме најдобрите синови први да ги огрее сонцето на слободата“.

Тој говореше за храброста и за визионерството на војводите и на партизаните додавајќи дека тие, кои биле благословени од Свети Илија, „силно удрија по темнината за да се разбистри погледот пред вечноста и да се види до каде е Македонија“.

„Хероите од Мечкин Камен и од Слива, ни покажаа како се чува слободата, тој најскап идеал на човекот, а ние сме онаа генерација на која ѝ е оставен аманетот – со убавината на сопствената култура и традиција, да ги дочуваме својот идентитет и вековната посебност, како скапоцен влог во мозаикот на светската цивилизација“, рече Љутков, споменувајќи ги сите културни институции што градот Крушево ги има како одек на минатото и потврда за непроценливото богатство на нашата држава.

Честитајќи го Денот на Републиката, министерот Љутков порача: „Силно верувам дека предвидената програма на манифестацијата ’Десет дена Крушевска Република‘ ќе биде нов културен светилник на Балканот, за кој долго ќе се зборува и по кој светот ќе нè препознава, како град и земја што задолжително и со восхит треба да бидат посетени“.

Свеченото отворање на манифестацијата започна традиционално со формирање поворка и доаѓање на коњицата пред столбот на Крушевската Република. Свежо цвеќе беше положено пред бистата на Веле Марков, како и на вечните почивалишта на Питу Гули и на Тоше Проески, пред споменикот на партизанските гробишта и пред Криптата на илинденските востаници.

По церемонијата на читање на Крушевскиот манифест и подигнување на бајракот на Крушевската Република, по свечените обраќања на министерот Љутков, градоначалникот Томе Христоски и пукањето со црешово топче, вечерта продолжи со настапите на „Танец“ и на „Некст тајм“.

Централните настани за празнување на 2 Август се денеска на Мечкин Камен, а манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ ќе трае до 10 август со програма која опфаќа содржини за сите возрасти – претстави и концерти за најмладите, изложби, поетско читање, драмска и филмска програма, концерти од сите жанрови, како и научна конференција со учесници од Институтот за национална историја.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.