Оркестарот на Македонската филхармонија и денеска одржа протест пред Министерството за култура поради одлуката новоформираниот Џез оркестар просторно да биде сместен во објектот на оваа институција. Претседателот на Синдикатот на Филхармонија, Владимир Лазаревски најави дека ќе продолжат со протестите секој ден, се додека не се сослушаат нивните барања.

Тој напомена дека испратиле писмо и до премиерот Димитар Ковачевски, во кое бараат средба, но и негово вклучување во решавање на овој проблем.

Министерката за култура на средба со вработените од Филхармонија рече дека ќе ја промени адресата на новоформираниот Џез оркестар, дека ова е само привремено, но потоа само се донесе една одлука на Влада, дека џезерите ќе бидат сместени привремено кај нас, без временска рамка. До ден денеска, после два месеци, ние се уште не дочекавме и не слушнавме решение од министерката за култура, рече Лазаревски за време на денешниот протест.

Тој уште еднаш посочи дека зградата на Македонска Филхармонија е наменски изградена за оркестарот на Македонска Филхармонија. Како што рече, доколку во зградата би постоеле два независни правни субјекти, ќе биде проблем, односно нема да можат да функционираат.

-Ние не сме суетни или несолидарни. Секоја просторија е испланирана наменски за оркестарот за еден Национален филхармониски оркестар, како што е оркестарот на Македонска Филхармонија. Немаме ништо против одлуката да се формира Џез оркестар и тие да настапуваат во нашата сала. Тие настапувале и претходно, ќе настапуваат и понатаму, додаде Лазаревски.

Тој рече дека ја поздравуваат одлуката за формирање на Џез оркестар, но начинот на кој што е донесена одлуката за нивно сместување во Филхармонија е нетранспарентен, без вклучување на јавноста, само со изготвување на елаборатот од две до три страници, без консулатација со релевантните луѓе во музиката.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.