Кумановскиот театар со претставата „Секс и лаги“ ќе игра пред струмичани, соопштија денеска од НУЦК „Трајко Прокопиев“. Гостувањето во Народниот театар „Антон Панов“-Струмица е закажано за 3 март со претставата „Секс и лаги“ во режија на Драгана Таневска, со почеток од 20 часот.

-Комедијата е работена според текстот „Секс и љубомора“ на Марк Камолети и е спој помеѓу интригата и моралот, вистината и лагата во која конфликтот на интереси произнесува чувства, реакции и односи кои ги прават ситуациите комични. Поради голема гледаност и заинтересираност на публиката оваа ќе биде деветта реприза на претставата, која премиерно беше изведена на Фестивалот „Денови на комедија“-2022 година, соопштија од НУЦК „Трајко Прокопиев“.

Во претставата играат Марко Трајковиќ, Анастасија Величковиќ, Жарко Јовановиќ, Нина Максимова, Александра Михајловска, Никица Јанковски. Со оваа претстава кумановскиот театар веќе настапи во Штип, Кавадарци, Гевгелија, Крива Паланка на Фестивалот „Јоаким Осоговски“ и Неготино. Претставата ја доби и наградата за најдобра претстава на Фестивалот „Денови на комедија“-2022 година.

Викендов, кумановскиот театар настапи и пред велешани со претставата „Лето во кое те нема“.

Публиката реагираше одлично на актерската игра и даде позитивни коментари после изведбата на претставата. Претставата се одигра на малата сцена на народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес, изјавија од кумановскиот театар.

Автор на претставата е Петар Андоновски, режија Драгана Гунин, сценографија е на Крсто Богојевски, драматизација на Ева Камчевска, музиката на Гала Насева.

Во претставата играат: Марко Трајковиќ, Марко Богдановски, Ангела Стојановска и Игор Трајковски. Во следниот период претставата ќе гостува и во другите градови, а ќе се игра повторно и на сцената во Театар Куманово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.