Од четврток до крајот на наделава Корча ќе пулсира во духот на македонската култура. Имено, во организација на македонската Амбасада и Културно-информативниот центар во Тирана ќе бидат организирани „Денови на македонската култура“. Манифестацијата е составена од повеќе настани од областа на културата, образованието и бизнисот, што ќе се реализираат на повеќе места во градот.

Во просториите на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Фан Ноли“, проф. Виолета Јанушева за првпат пред студентите ќе го претстави курикулумот за предавања на курсевите по македонски јазик, а деканите на Падагошкиот и на Филолошкиот факултет ќе имаат работна средба во рамките на воспоставената соработка на универзитетите од Битола и од Корча.

Во делот на културно-музичкото претставување се изложбата на НУ Завод и музеј Битола со наслов „Невестински соништа“ и дел од културното наследство на Битола и Битолско, претставено од директорката Мери Стојанова, како и самостојната изложба на уметникот Зоран Кардула.

Посебен акцент на манифестацијата се средбите на директорите на државните агенции за туризам и претставници од бизнис-секторот. Директорот на Агенцијата за привлекување и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, и директорката на албанската Дирекција за туризам, Корнелија Феризај, ќе ги договараат модалитетите за заедничка соработка и настап на трети пазари.

Манифестацијата свечено ќе ја отворат амбасадорот Данчо Марковски и градоначалникот на Корча, Сотирач Фило, кои активно ќе се вклучат во настаните.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.