Книгата „Боите на мојата музика“ од авторите Снежана Анастасова Чадиковска и Марко Коловски вчеравечер беше промовирана во рамки на фестивалот „Охридско лето“.

Станува збор за приказна  за животниот и творечкиот пат на Снежана Анастасова Чадиковска, истакната пијанистка, пијано педагог, музички публицист, аниматор и организатор. Анастасова – Чадиковска низ своите спомени за контекстот во кој раснел и разраснувал нејзиниот огромен опус и музикологот Марко Коловски – со поглед од страна, како обид на навидум невозможното, стручно да се опсервира непрегледното, создаваат уникатно дело примамливо за секој читател.

Обраќајќи се на промоцијата, како директор на НУ „Охридско лето“, но и како професор по пијано, Наташа Поповиќ потенцира  дека  професорката Анастасова-Чадиковска има оставено длабока трага во историјата на фестивалот „Охридско лето“. Според директорката Поповиќ, педагошката работа на Чадиковска е импресивна, а нејзините идеи за музиката и за уметноста, како и за радоста на живеењето  претставуваат инспирација во секојдневното работење.

-Во мојот живот имав многу примери од кои учев за професијата, но и за самиот живот. Имав голема чест што бев ученичка на нашата Жани, и тоа за мене е едно непроценливо огромно искуство. Таа беше строг професор, но од неа научив многу за  уметноста на свирење пијано и за историјата на музиката. Жани е ризница, рече Поповиќ.

Според еден од промоторите,  музичкиот  теоретичар, истражувач, педагог и публицист, Александар Трајковски, книгата „Боите на мојата музика“ претставува сериозен исчекор во процесот на збогатување на македонската музикологија и воопшто, во збогатувањето на литературата од областа на културата.

-Станува збор за дело, кое, првенствено по својата структура и концептуална поставеност, а потоа и по содржинските аспекти, претставува ретка појава во нашето музичко книгоиздателство. Не е вообичаен потфат, македонски музичар да пристапи кон автобиографско претставување, кадешто најоригинално, изворно и автентично ќе го прикаже својот животен и уметнички пат, при што, заради тоа што најдобро ја владее проблематиката која ја обработува, фокусот ќе го постави на најзначајните и најсуштински животни пункта. Во целата структурираност, од особено значење е прилогот на музикологот Марко Коловски, чиј осврт на ликот и делото на Чадиковска, претставува еден вид, книжевна глазура на целото четиво.Како што кажува и самиот наслов, „Боите на мојата музика“, животот и кариерата на Снежана Анастасова Чадиковска, претставуваат спектрум од разни бои. Боите на нејзината музика, со сите свои нијанси, прелевања, но и контрасти, напластени во секој сегмент од нејзината музичка актива, сиве овие години. Откако ќе се прочита книгата, насловот не само што го оправдува изборот токму тој да се најде на корицата, туку, без никакво двоумење го гради впечатокот дека тоа е и единственото, наједакватно решение ударно да го сублимира сето она што се случува на овие 230 страници, истакна Трајковски.

Промоторката Илинденска Петрушева, филмолог, филмски критичар, историчар на филмот, и есеист  се обрати и од професионален, но и од приватен аспект.

-Моето учество во промоцијата на оваа исклучителна книга како филмолог, пред сè, сакав да обрнам внимание на една телевизиска серија којашто ги имаше сите атрибути на филм, на таа долгогодишна брачна врска меѓу филмот и музиката, тоа се приказни од пијаното.Тоа е директниот повод за моето учество во промоцијата, но постои и друг повод а тоа е  блискоста на двете семејства, долговечното пријателство, така што, јас сум распната меѓу професијата и приватноста, рече Петрушевска.

Музикологот, новинар и публицист Марко Коловски, на промоцијата рече дека книгата „Боите на мојата музика“ е посебна, исто како што се посебни личноста и делото на самата Снежана Анастасова-Чадиковска.

-Пишувањето на мојот дел од оваа според многу нешта – посебна монографија, за мене беше исклучителен предизвик. Чадиковска ја знам и познавам многу одамна. Сме соработувале на многу проекти, потоа, сум го следел нејзиниот уметничко-исполнителски растеж, сум пишувал за него. Исто така, имав увид во нејзината педагошка дејност и некои од врвните дострели во тој дел сум ги опсервирал или сум ги подржувал. Како што е на пример издавањето на капиталното издание во три тома „COMPENDIUM MUSICUM“.  Да не зборувам за нејзината публицистичка дејност, за мноштвото книги, статии, рецензии, сценарија и слично. Е, сега, ако некој се праша: како тоа „посебен предизвик“ кога однапред се има увид во сите или речиси сите подрачја на нејзино дејствување, тогаш одговорот би бил дека токму тој, таков, распослан на многу страни творечки живот и, во истовреме – дострелите во секој негов дел кои се своевидни подвизи сами по себе, значи, токму таа интегралност и височините во неа, беа своевидна задача за да се претстават на соодветен начин, рече Коловски.

Книгата е збир на три делови од животниот и творечкиот пат на авторката, сите три дела, според неа,  подеднакво важни, подеднакво драги.

-Јас сакав да направам не толку моја автобиографија, колку биографија на времето и институциите со кои соработував и во кои живеев. Јас не би знаела да издвојам кој дел најмногу ми се допаѓа. Марко Коловски е неверојатно темелен и инспиративен соработник и мсилам дека тој есеистички приказ од четириесеттина страници која го даде за мене, според  мене претставува големо богатство. Се надевам дека и на читателите ќе им се допадне, рече авторката  Анастасова-Чадиковска која вчеравечер токму на  промоцијата на нејзиното дело беше програсена за почесен претседател на Музичката младина на Македонија.

Корицата на книгата Боите на мојата музика“ издадена од Музички Издавачки Центар (МИЦ) е визуелно збогатена со сликата „Хипостази на животот“ од ликовниот уметник Венијамин Хаџи – Наумов. Модератор на промоцијата беше Милчо Јованоски, директор на Националната установа Библиотека „Григор Прличев“- Охрид , новинар и публицист, а водител на настанот, Наташа Попоска – Карче, сликар, уметник и  стоматолог.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.