Во Националната галерија, објектот Чифте амам, вечер, во 19.30 часот, ќе се отвори ретроспективната изложба на Ангел Димовски – Чауш насловена „50 години творештво“. Македонската јавност ќе има можност да се запознае со богатиот творечки опус на овој наш уметник кој повеќе децении живее и работи на релација Македонија – Франција.

Делата на Ангел Димовски – Чауш, творени во текот на изминативе педесет години, имаат четири тематски/идејни целини. Компонирани се од фигуративни, предметни, јазични и археолошко-етнографски содржини.

На стилски план е остварен личен израз во сите четири тематски целини, како спој на инвентивно употребен еклектицизам на архаичното, примитивистичкото, нивните модернистичко-авангардни преработки, поп и рок културата. Во таа смисла, скулптурите на Ангел Димовски – Чауш припаѓаат на модернистичко авангардната линија кој исконското го внесе во модерното. Тоа се скулптури чиј заеднички именител е интенцијата да се изрази говорот на телото обликувано во стилизирани робусни и елегантни анатомски дисторзии, или сведено на апстрахирано тело-лушпа во активност. Во неговите дела се препознаваат главниот мотив – жената и придружниот мотив на птицата, при што асоцијациите за преплетување на антропоморфното во зооморфното, и обратно, се често присутни, се наведува во најавата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.