Изложба на фотографии од златни археолошки артефакти пронајдени во Неготинско, беше отворена денеска во Музеј галерија во Кавадарци. Автор на изложбата е Драгица Чекорова, кустос-советник и директор на Музеј на град Неготино.

Директорката на кавадаречкиот музеј, Весна Ѓорѓиева рече дека изложбата е во чест на утрешниот празник на жената. Таа појасни дека фотографиите од златните археолошки артефакти пронајдени на археолошкиот локалитет „Орманков гроб” во 2008 година, се претставени на 30 паноа. Станува збор за накит, предмети за чување на накит, монети и слично.

Тие се едни од најрепрезентативните експонати во нашата држава, поради што имаат огромна археолошка и уметничка вредност, нагласи Ѓорѓиева.

За изложбата говореше Раде Атанасов, виш-кустос археолог во кавадаречкиот музеј.

Предметите датираат од 5-4 век пред нашата ера, а најверојатно припаѓаат на некој виден Пеонец во неговото време. Самата разновидност на предметите укажува дека биле собирани во еден подолг временски период, рече Атанасов.

Авторката на изложбата, Чекорова потсети дека во античко време златото се користело за производство на вреден накит и екстравагантни луксузни предмети, но и како платежно средство.

-Накитот, како што се ѓердани, обетки, брошеви и нараквици, не само што ја краселе личноста што ги носела, туку служеле и како амајлии, вредносни складишта и за впечатлив приказ на богатството на жените и нивните сопрузи, рече Чекорова



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.