Со долг аплауз и стоечки овации публиката во полниот салон на Македонскиот народен театар (МНТ) ја награди премиерата на претставата „Сите сме птици“ на реномираниот режисер Слободан Унковски која се одржа во саботата.

Актери, режисери, театарски работници, лица од јавниот живот присустуваа на театарскиот настан на годината.

Унковски се врати во МНТ по пауза од девет години со текст на оригиналниот и современ автор од либанско-канадско потекло Муавад, кој го истражува идентитетот за тоа кои сме или мислиме дека сме.

„Сите сме птици“ е прекрасна љубовна приказна за судбоносната средба меѓу момче и девојка во читалната на една библиотека во Њујорк. Но, момчето (Дамјан Цветановски) е Евреин, а девојката (Сара Климоска) е Арапка .

Ова е драма за момче кое тргнува на патување за да го реши сомнежот за потеклото на неговиот татко. Но и драма за девојка која си ја најде татковината која со години се обидувала да ја заборави.

Ова е претстава за етикетите што нè одредуваат кои сме и што сме уште пред да ја добиеме потребата за нешто ново и поинакво, вели актерот Дамјан Цветановски, кој го толкува ликот на Еитан.

Во драмата, додека во светот се случува израелско-палестинскиот конфликт и нападите, едно семејство е во теснец и е принудено да се соочи со сето она што го знаат за својот идентитет. Поради терористичкиот напад во Ерусалим младиот израелско-германски генетски истражувач Еитан паѓа во кома, додека неговата девојка Вахида е оставена да ја открие неговата семејна тајна…

Претставата „Сите сме птици“ е приказна за една битка помеѓу идентитетот на групата и искрената потреба за индивидуалност.

Во претставата покрај Цветановски уште играат и Сара Климоска – Вахида, Тина Трпкоска – Еден, Звездана Ангеловска – Леа, Николина Кујача – Нора, Емил Рубен – Етгар, Никола Ристановски – Давид, Петре Арсовски – Вазан, Сашка Димитровска – Болничарка, Драгана Костадиновска – Лекарка.

Текстот од француски на македонски јазик го преведе Калиопа Петрушевска, а драматург е Јелена Мијовиќ.

Сценографијата на претставата е на Бранко Хојник, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска и композитор е Ирена Поповиќ-Драговиќ.

Следните изведби се закажани на 20 и 21 декември и на 30 и 31 јануари.

фото: Македонски народен театар



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.