Дистописката приказна за осумгодишниот Марко, на македонскиот режисер Вардан Тозија, филмот „М“ го отвора 22. издание на Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“ на 13 јули, во паркот зад Младинскиот културен центар (МКЦ) во 21 часот.

Годинашното издание на Фестивалот на европски филм ќе трае само шест, наместо вообичаените десет дена и ќе понуди повеќе од 40 филмски наслови. Под слоганот „Муви најт“, проекциите ќе се одржуваат во паркот зад МКЦ, киното „Фросина“и џебното кино во во МКЦ и летното кино на отворено во „Кинотека“.

„Две децении „Синедејс“ го гради угледот на квалитетен меѓународен филмски фестивал, единствен домашен фестивал акредитиран од ФИАПФ, но годинава со исклучително намален буџет. Решивме Фестивалот да трае шест дена, односно онолку колку што ни дозволи чергата, ќе имаме премиерни на македонски филмови, потоа ремек-дело со филмска програма, која директно ја увезуваме од Кан, како први од сите фестивали во Европа“ изјави на денешната прес-конференција Маргарита Арсова, програмски координатор на „Синедејс“.

И годинава натпреварувачката програма на „Синедејс“ е селекција на Бернд Будер. Во фестивалската програма ќе видиме светски и македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во Официјална селекција, Гала програма, SEE програма, МК Shorts (кратки филмови) и Ретроспектива на филмови посветена на Дејвид Боуви како актер.

Асова најави дека на годиншаното издание ќе има наслови на Вим Вендерс, Кен Лоуч, Нани Морети, Аки Каурисмаки, Франсоа Озон, Александар Сокуров, новиот филм на Горан Столевски, а има и пет премиери на македонски кратки филмови.

Поради буџетските рестрикции програмата е тесно селектирана на сметка на квантитетот за да извадиме што подобар квалитет, истакна Арсова.

Организаторот го најави мастеркласот на нашиот Митко Панов и прикажување на филмот „Сведок“, а овогодишната програма на „Синедејс“ предвидува и дополнителни два мастеркласа, на Јуре Матичич, програмски раководител на „Местни кино Домжале“ Словенија и гуруто за презентација и ‘пакување на филмови Габриеле Бруненмајер, која работи како независен консултант за Мидпоинт институтот.

Отворањето и затворањето на „Синедејс“ е во знак на македонските режисерски имиња.

Филмот „М“ е дистописка приказна за осумгодишниот Марко, дете кое е затворено во границите, во заштитата на својата магична шума. Низ годините живее, незнаејќи што се случува со светот надвор. Чувано е и скриено од посесивен, строг, опседнат татко, кој секако, знаејќи дека тој е сѐ што му останало, се труди да го сочува од сознанието за тој свет. Сѐ додека еден ден љубопитноста не го натера тоа дете да излезе од границите на шумата, да истражи, да види што има зад тој забранет свет. Наоѓа едно другарче и почнува да истражува. Тоа истражување води кон одреден след на настани кои ќе го доведат во една голема авантура, вели режисерот Тозија за „М“.

Дел од екипата на „М“ Фото: Младински културен центар

Филмот е сниман пред три години, но поради бројните предизвици, дури сега се случува неговата премиера. Сценариото е потпишано од Тозија и Даријан Пејовски, кинематографер е Влатко Самоиловски, сценографијата е на Кирил Спасески-Кикич, костимите се на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек.

Улогите ги толкуваат Матеј Сиваков, Александар Ничовски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Камка Тоциновска, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Оливер Митковски, Владимир Тулиев… Продуцент на „М“ е „Фокус покус филмс“ од Скопје во копродукција меѓу Хрватска, Косово, Луксембург и Франција.

Сашко Коцев, кој го толкува ликот на таткото на Марко во филмот, рече дека филмот ќе го памети по тешкиот и исцрпен кастинг кој траел доста долго, но и по неверојатната желба да ја добие улогата.

Сашко Коцев: Во истиот месец август, снимав три филма, тоа беше една актерска шизофренија. Но овде бев многу опуштен зашто бев во една здрава режсерка рака. Фото: МКЦ

Кога го прочитав сценариото, во главата си зацртав дека мора да ја добијам улогата, кога ме поканија на кастинг. Онаа среќа, кога ќе ти јават дека си ја добил улогата, тоа не може никој да го опише со зборови. Но, не се израдував до крај, бидејќи во исто време ми потврдија уште два филма. Во истиот месец август, снимав три филма, тоа беше една актерска шизофренија. Но, овде бев многу опуштен зашто бев во една здрава режсерка рака и мислам дека овој филм ќе ја крене малку летвичката погоре во однос на тоа што понатаму ќе се случува. Ова е филм од 2 милиони евра снимен со 270 илјади евра. Како? Само Дарко Попов, Вардан Тозија и Влатко Самоилковски си го знаат тоа, а бога ми и ние. Беше напорно, тешко снимање. Тоа лето ќе го паметам по работа со деца. Во исто време се снимаше филмска серија за деца, овде бев татко на некое дете, па претходно снимав филм каде што играв татко, и си помислив, дали остарев што играм само татковци? Многу е тешко да не се спуштиш на тоа негово ниво да бидеш помеѓу, дали актерски или ментално, да не повредиш, навредиш, тоа се чисти, детски души. По тоа ќе го паметам филмот, дека таа работа беше тешка, но не значи неуспешна, рече Коцев.

Затворањето на Фестивалот е повторно со македонска премиера, филмот „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски.

Mузичката програма на фестивалот „Синемјузик“  годинава го најавува концертот на скопскиот бенд Културно-уметнички работници, кој неодамна го издаде својот седми албум, потоа Педро Кастиљо и белградскиот експериментален бенд Визељ.

Билетите ќе бидат по цена од 200 денари, за сите филмови.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.