Со македонската премиера на „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски, вечерва во паркот зад Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје ќе биде затворено 22. издание на  Фестивалот на европскиот филм „Синедејс“. Филмот е прво долгометражно остварување на Цветановски.

Сценариото го започнав уште како студент во Париз, во 2002 година и не очекував дека филмот некогаш ќе го снимам. Кога се вратив во Македонија, повторно налетав на сценариото во една кутија и го препрочитав од љубопитност. Сфатив дека има добра подлога за филм и решив да го адаптирам за македонски услови, бидејќи во таа верзија, дејствието се случуваше во Париз. Одамна сакав да направам приказна во која давам коментар за некои социјално релевантни теми, а сето тоа да биде ненаметливо спакувано – вели Цветановски во пресрет на премиерата на филмот.

Филмот светската премиера ја имаше на Фестивалот „In the palace“ во Софија, каде ја доби наградата за најдобар филм.

Улогите ги толкуваат: Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски и Елени Декидис.

Филмот „Бизнисот на задоволството“ е трилер – драма во која опседната со исчезнувањето на најдобрата пријателка, жртва на трговијата со жени, една новинарка подготвува тајна операција со цел да ја разоткрие криминалната мрежа. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола и се борат да спасат жива глава.

Додека работиш филм, и ти самиот си во филм, ги преживуваш емоциите на сите ликови и заедно со нив тагуваш и се радуваш. Снимањето во пандемија беше дополнителен предизвик, но дури и тоа го паметам како позитивно искуство. Тогаш сфатив дека кога си фокусиран и посветен на она што го правиш, ништо не може да те запре. Не би сакал да заборавам ниту еден момент од снимањето, но би сакал да заборавам некои делови од пост-продукцијата, каде што се соочувавме со проблеми од техничка природа, кои се најголем непријател на креативноста, вели  Цветановски.

Сценариото, монтажата и режијата се на Гоце Цветановски, кинематографер на филмот е Фејми Даут. Продуцент на филмот е на Македонска крепост, заедно со A White River Films, City Star Production, Seven Image и 351 Studio. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.