Во текот на месец јули има бројни настани и работилници ќе се реализираат во КСП Центар Јадро.

Како и досега, ќе можете да видите разнолика програма која ја реализираме во соработка со нашите партнери и колеги.
Покрај работилниците за кукларство, танц и графити овој месец во кој се навршуваат 60 години од катострофалниот скопски земјотрес  ќе го одбележиме со два настани. „26 Јули, 1963“ – изложба на фотографии, видео проекција и други меморабилии за Скопје во организација на Општина Центар  и „Сведоштва за земјотресот“ од Нестор Несторовски во организација на неговата ќерка Солунка Зоксимовска.

13 јули (четврток) во 20:00 часот | од 12:00 до 16:00

Кратко предавање/работилница на Арон Хернандез Фарфан за основните техники на игра со кукла пред камера кои можете да ги примените за игра на филм, телевизија и дигитални медиуми.

СОДРЖИНА:

  • куклена поза
  • фокусирање на камера
  • липсинг
  • претставување на основните емоции
  • мониторинг и скрипта
  • вокална карактеризација
  • куклена интеракциа
  • импровизација
  • прашања и одговори

НАМЕНЕТО ЗА: актери, куклари,театарски, филмски и ТВ режисери, продуценти, креатори на дигитални содржини и сите други заинтересирани.

За работилницата ќе ви треба удобна облека и еден чорап со кој би играле кукла.

*Ограничено на 20 учесници.
*Работилницата ќе се одржи на англиски јазик

Пријавување на: [email protected]

Арон Хернандез Фарфан е роден во Мексико Сити на 17 септември 1974 година. Студирал глума на „Núcleo de Estudios TeatralesЌ (1992-1994) и историја на Националниот автономен универзитет во Мексико (2005-2009). Како актер играл во повеќе театарски продукции: „Сон на летната ноќ“на Вилијам Шекспир, „Delacalle“, „1822 година, годината кога бевме Империја“ и „Лир“ меѓу другите. Како режисер се издвојуваат неговите продукции: „Осамениот запад” од Мартин Мекдон, „Ластмар“ од Карлос Валенсија, „Месечината“ од Хаиме Шабо, „Замрзнато“ од Браони Лејвери, „Парчиња од Апокалипсата“ од Мартин Лопез Бри, „За Алисија“ од Барбара Колио, „Гурмански убиства“од Едгар Алварез Естрада и „Твојот сигурен слуга, Орсон Велс“ од Ричард Франс. Како куклар, тој има работено со компанијата „Marionetas de la Esquina” и се специјализирал за телевизиско кукларство и е дел од кастот во мексиканските телевизиски куклени шоуа „Hechos de peluche”, „Cero cero”, „Los peluches” и „Once Niñas y Niños”.

14 | 15 | 16 јули (петок | сабота | недела) | тродневен мултимедијален настан

 „Колект Жардин“ од Нирнберг и пријателите од Скопје, организираат настан за графити со помош на Гете-институт Скопје и канцеларијата за Градско партнерство Нирнберг.

Идејата за овој проект се појави пред неколку години врз основа на долгогодишното пријателство меѓу графити уметници од Нирнберг и Скопје, но за жал сите планови беа откажани поради пандемијата. Годинава конечно проектот се реализира со тоа што 5 графити уметници од Нирнберг ќе престојуваат во Скопје од 14 до 16 јули. Настанот ќе се состои од неколку елементи:  реализација на голем графит мурал во центарот на градот, работилница за графити за деца и завршна манифестација на последниот ден.

За време на викендот уметниците ќе направат огромен мурал. Концептот на ѕидот ќе симболизира спомен за земјотресот во Скопје 1963 година, кој се случил пред 60 години. Во тоа време, во 1963 година, работници од Нирнберг дошле во Скопје за да помогнат при обновата на градот и во име на таа солидарност и денес – точно 60 години подоцна – повторно ќе дојдат уметници од Нирнберг и ќе се обидат да помогнат во редизајнирањето на градот на креативен и уметнички начин. Работилницата за графити ќе ја организираат професионални тренери од Скопје заедно со уметниците од Нирнберг кои ќе ги учат децата за теоретската позадината на графити-културата како и практични вештини. Вечерта ќе биде посветена на претставување на уметничките дела на учесниците на завршниот настан. Настанот за затворање ќе биде таканаречен хипхоп џем, со диџеи и локални рапери.

Главната идеја на целиот проект е да се зајакне партнерство меѓу Нирнберг и Скопје и да се претстават меѓународните графити и хип-хоп културата пред широката публика.

23 јули (недела) | од 14 до 19 часот

FreeFlow Weekend е настан кој ќе се одржи по вторпат во Скопје и е фокусиран на фристајл танцовата заедница и уличните танцови стилови.  Учесниците ќе имаат можност да го почувствуваат духот на Хип-Хоп културата низ програма која ќе долови поинаков сензибилитет и пристап за изучување на нови танцови вештини и споделување на енергија низ процесот. Предвидено е да се одржат 4 танцови работилници за различни танцови стилови со 4ца уметници од Чешка, Словачка, Србија и Македонија, а покрај нив, ќе се одржи и power yoga работилница како дел од програмата, адаптирана конкретно за потребите на танчарите поради бенефитите кои ги содржи.

Вториот дел од настанот ќе биде посветен на 3 танцови сесии и тоа: Hip-Hop Jam Session, House Jam Session и Live Music Jam session. Првите две џем сесии ќе бидат простор за заеднички тренинг на конкретниот танцов стил поврзан со истоимениот музички жанр, а  музиката ќе биде пуштена од страна на диџеј во живо. На третата џем сесија ќе има жива музика со бенд од инструменталисти професионалци каде што музичарите заеднички со танчарите ќе импровизираат и кокреираат истовремено. Заклучно, настанот ќе се заокружи со танцова битка т.н. “BATTLE” која е од натпреварувачки карактер и ќе биде отворена за посетители со наплата за влез.

26 јули (среда) во 11:00 часот | еднодневен настан

Оваа година се одбележуваат 60 години од катастрофалниот земјотрес што го зафати Скопје 1963 година.

За да се одбележи овој јубилеј, Општина Центар – Скопје ќе организира изложба на фотографии од објекти и места кои биле разрушени со земјотресот, како и новиот изглед на најпогодените локации, преку фотографии и видео проекција.

27 јули (четврток) | 20:00 часот

На овој настан посветен на 60 годишнината од катострофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година, Солунка Зоксимовска ќе ги претстави записите на нејзиниот татко, Нестор Несторовски, единствен преживеан од зградата  на  бул. ЈНА  во која што тој живеел. Меѓу загинатите се и неговата сопруга и двете деца на возраст од 13 и 14 години, Солуна и Мишко.

Сведоштвата започнуваат со случувања  што се случиле два дена пред земјотресот а завршуваат со извлекувањето на Нестор од урнатините на зградата. По претставувањето на записите ќе следува проекција на документарен филм во продукција на Македонската радио телевизија кој се базира на сведоштвата на Несторовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.