Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци најавува богата програма во следниот педиод.

– Од 16 до 18 јуни 2023, Фолклорниот ансамбл “Тиквеш“ кој работи при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци ќе учествува на “Меѓународни фолклорни средби Живинице 2023“, во Живинице, Босна и Херцеговина.

– Во вторник, на 20 јуни 2023, со почеток од 20 часот, ќе биде отворена самостојна изложба на ликовниот уметник Анита Јовеска (Сот) од Прилеп, насловена како “Encounter/Повторна средба”. Анита Јовеска (Сот) е академиски сликар, родена во Прилеп 1986 год. каде завршува основно и средно гимназиско образование. Дипломира на Националната Академија за Уметност во Софија, Р.Бугарија 2008год, отсек Плакат и Визуелни комуникации. „Encounter/Повторна средба” е трета самостојна изложба на уметникот. Таа има изложувано на многу групни изложби и ликовни колонии низ Македонија и странство, притоа многу нејзини дела се наоѓаат во приватни колекции и галерии во Германија, Холандија и Италија. Анита Сот е активен и постојан член на ДЛУП. Живее и работи во Прилеп, како професор по ликовна уметност.

– Во четврток, на 22 јуни 2023, со почеток од 13 часот, во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци ќе се оддржи промоција на Роман на годината за 2022. Носител на наградата е еден од најголемите македонски писатели на сите времиња Влада Урошевиќ за романот “Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ со поднаслов „Старовремски роман“. Наградата Роман на годината ја доделува Фондацијата “Славко Јаневски“ од Скопје и е најпрестижна награда од оваа литературна област во Македонија. На промоцијата покрај промоторите ќе присуствува и авторот, големиот Влада Урошевиќ. Да потсетиме, Влада Урошевиќ е добитник и на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата за 2023, така да ова претставува ексклузивена можност за средба со големиот автор и писател. Промоцијата се оддржува по иницијатива на Неформалната група уметници “Сокол Арт“ Кавадарци.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.