Во петок, на 30 септември, во 17 часот, во ЕУ информативниот центар EUROPE HOUSE во Скопје, ќе се одржи официјалната промоција на романот „Библиотекарката од Аушвиц“ од познатиот шпански писател Антонио Г. Итурбе. Книгата на македонски ја објави „Бата прес“, а на промоцијата ќе учествува и авторот Итурбе, кој веќе го потврди своето доаѓање.
Инаку станува збор за роман кој е преведен на повеќе од 30 јазици. Македонското издание медиумската најава ја имаше на „Фестивалот на книгата 22“ и за романот има голем интерес меѓу љубителите на книгата кои сега ќе имаат можност да се сретнат со авторот. Настанот е отворен за сите посетители и е бесплатен.
Книгата е дел од проектот на издавачот „Отворени книги, отворени граници“ и е поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и од Секторот за европски интеграции во Министерството за култура.
Антонио Итурбе (Antonio Iturbe) е писател, новинар и универзитетски професор. Роден е во 1967 година, а уште од рана возраст живеел во Барселона. Со романот „Библиотекарката од Аушвиц“ стекна светска слава, кој беше и најпродаван роман според Сандеј тајмс.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.