На денешен ден, пред 77 години, со решение на тогашното Министерство за народна просвета на Македонија е одобрено „Македонска граматика“ од Круме Кепески да се користи како учебник во средните училишта, пишува на својот фејсбук профил Семинар за македонски јазик и литература.

Македонска граматика“ од истакнатиот македонист, граматичар, педагог, учебникар, методичар, преведувач и собирач на народни умотворби, Круме Кепески (1909-1988) е првата граматика на македонскиот јазик објавена во слободната македонска држава, во 1946 година, во издание на Државното книгоиздателство на Македонија.

„Прашање: 1. На кој јазик зборуат Трајко и Ордан? Во ова сочинение Трајко и Ордан зборуат на македонски јазик. 2. Ами од која народност се тие? Тие се Македонци. 3. Што е народ? Народ се вика голема група од луѓе – што живеат заедно на едно место, имаат исти обичаи, зборуат на ист јазик, имаат економски врски и ист менталитет т. е. психолошки особини. 4. Македонскиот. народ има ли ги тие црти? Да, затоа е признат како одделен народ и член во големата група на славјанските народи..“

(Од првото поглавје на „Македонска граматика“ – „Народ и јазик“)

На Граматиката, Кепески работел од февруари до ноември 1945 година, остварувајќи голем влог во кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. По првото издание од 1946 година, објавено е и второ (1947) и трето издание (1950).

Во предговорот кон првото издание на оваа македонска граматика, Кепески напоменува: „со оваа граматика имав желба да им дадам на учениците учебник што ќе ги воведе во нашиот литературен јазик и ќе им спомогне да ги разберат неговите основни црти“. Но, во практиката, таа нашла соодветна примена и пошироко – во сите комуникациски сфери, администрацијата, културата.

Со „Македонска граматика“ од 1946 година, но и со севкупното свое дело, особено со граматиките и поуките за јазикот наменети за учениците, Кепески стави свој неизбришлив печат во поновата македонска историја. Годинава се навршуваат 35 години од неговото упокојување.

„Македонска граматика“ (1946) е достапна и за странските македонисти, во дигитална форма:

http://drmj.manu.edu.mk/wp-content/uploads/2018/01/Македонска-граматика-Круме-Кепески.pdf

Дигитализираната верзија на „Македонска граматика“ е објавена на порталот „Дигитални ресурси на македонскиот јазик“ на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ на Македонската академија на науките и уметностите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.