Вработени на велешката фабрика за шински возила „Колска“ предводени од Синдикатот, кој е членка на ССМ, утрово два часа го блокираа патниот железнички сообраќај на железничката станица во Велес.

Вработените предводени од Синдикатот на „Колска“, како што велат, се револтирани поради тоа што веќе пет-шест месеци Управата за јавни приходи им ја блокира сметката поради заостанат долг од околу 650 илјади евра за периодот од 2013 до 2017 година. Бараат од УЈП итно одблокирање на сметката за да можат да набават репроматеријали и да можат да платат струја и други комунални трошоци.

Тие исто така бараат од Владата итно да им помогне и за утре планираат да дојдат на протест во Скопје.

Ова е вторпат како вработените го блокираат железничкиот сообраќај кај Велес, откако веќе еднаш го сторија летово.

Од некогашните 350 вработени пред 20 години, поради пензионирање и непримање на нови работници сега се останати 76, а поради старосната граница над 55 години, за две години сегашниот број на работници ќе се преполови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.