Премиерот Димитар Ковачевски вели дека не се меша во работата на Регулаторна комисија за енергетика, која во услови на голем пораст на цената на нафтата на светските берзи денеска треба да објави за колку ќе поскапат горивата. Вообичаено е секој понеделник новите цени да се објават до пладне, но овој пат регулаторот немаше информација за јавноста ниту доцна попладне.

Денес имаме рекордно највисоко ниво на електрична енергија и на нафтата, а во однос на одлуките на РКЕ не знам и не се мешам. Таа треба да ги носи одлуките согласно методологијата – рече Ковачевски како одговор на новинарско прашање.

На прашањето зошто на одредени бензински станици нема доволно гориво, Ковачевски додаде дека се работи за „воено профитерство“.

Кажав пред два дена дека има голем дисбаланс во цените., Има непречено снабдување во Македонија и нема прекин во синџирот на набавки, односно има доволни количини на бензинските пумпи и државните резерви. Тоа се случува од шпекулативни причини и сакаат веројатно да остварат воен профит во услови на носење на цената од страната на РКЕ. Тоа не го оправдувам ниту законски, ниту етички – изјави тој.

Ковачевски додаде дека Македонија има најниска цена на енергијата во регионот.

Ние имаме најниски цени од сите држави во регионот. Преку државниот буџет ја субвенционираме електричната енергија и го намаливме ДДВ-то од 18 на 5 отсто. И кај нафтените деривати имаме најниски цени, затоа што законските измени ја намалуваат акцизата како што расте цената на нафтените деривати – истакна Ковачевски.

Додаде дека кризни мерки ќе се доведат на првата наредна владина седница, откако вечерва ќе се консултира со професори и експерти од бизнис фелата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.