Со веќе остварените 2,6 милиони ноќевања во првите 10 месеци од годинава, туристичкиот сектор успеа да ја постигне поставената цел за 2022 година, а до крајот на годинава се очекува да има повеќе од 2,8 милиони ноќевања, информира директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски.

Во првите три квартали од 2022 година девизниот прилив од туристички промет е 376,48 милиони долари, што е за 25 отсто повеќе од истиот период во 2019 година. Се очекува вкупниот туристички промет за 2022 година да изнесува 430 милиони долари, рече Јаневски на денешната прес-конференција.

Со тоа, како што истакна тој, нашата земја е во првите 10 дестинации според девизниот прилив од туризмот, согласно податоците од Светската туристичка организација (УНВТО). Јаневски нагласи дека бројот на домашни туристи е во континуиран пораст и во 2022 година изнесува 45 отсто. Најголем број на странските туристи, дури 32 отсто, пак, доаѓа од целните групи на АППТ, односно од Србија, Албанија, Косово, Турција, Бугарија, Хрватска и Полска.

За да успееме треба да бидеме многу повеќе од упорни, оваа година ја заокружуваме со 90,5 отстотна реализација на програмските активности на Агенцијата за туризам. Ме радуваат новите авионски линии, Белград – Охрид, Измир – Скопје, Анкара – Скопје, Манчестер – Охрид, Тел Авив – Скопје, Тел Авив – Охрид, Варшава – Охрид, Минхен, Франкфурт и Берлин – Скопје. Ова значи дополнителен раст на бројот на туристи и одличен почеток на 2023 година, но туризмот не е спринт на 100 метри, туку маратон, посочи Јаневски.

Како што нагласи тој, една од целите на македонскиот туристички сектор за 2023 година е бројот на ноќевања од стратешки важните туристички пазари да биде поголем отколку во претпандемиската 2019 година.

Првиот квартал од 2023 година е значаен во насока на зајакната промоција и саемско претставување на државава. Интернационалните саемски манифестации Фитур – Мадрид, ЕМИТ – Истанбул и ИТБ – Берлин се место каде се договараат информативни патувања, нови авионски линии, бизнис средби кои се отскочна даска за понатамошна соработка и развивање и практикување на нови форми на туристичка понуда и промоција, рече Јаневски.

Македонскиот туристички потенцијал, со акцент на активниот туризам и локации кои се доволно атрактивни за да привлечат што повеќе туристи, во наредната 2023 година, додаде тој, ќе се промовираат преку новите видеа и брошури, кои Агенцијата за туризам ги реализираше како концепт кој има влијание во туристичката промоција.

Изработени се брошури и видео материјали за ТОП 20 туристички атракции во земјава и материјали за Национални паркови и заштитени подрачја, како и за локации погодни за дигитални номади, луѓе со авантуристички дух, кои сакаат да запознаваат нови места и култури, сакаат да патуваат, посочи Јаневски.

Како проблем за поголемо и подобро туристичко претставување на земјава го истакна континуираното намалување на буџетот на АППТ. Поради ограничени средства, потенцира Јаневски, АППТ следната година ќе ја промовира земјава само на саемите во Мадрид, Истанбул и Берлин, а нема да учествува на осум други саеми меѓу кои и саемот во Белград иако во последниве години бројот на српски туристи годишно се зголемува за околу 30 отсто.

Крајно време, како што рече тој, е во земјава да се формира туристичка инспекција и туристичка полиција по примерот на развиените туристички дестинации.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.