Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски ја посетија компанија од млечната индустрија „Бучен Козјак“ во Куманово. За време на посетата продискутираа со сопствениците и со вработените кои истакнаа дека континуитетот во работењето и долгогодишното постоење е она по кое се препознатливи и по кое ја стекнале довербата од граѓаните за нивните производи.

Премиерот Ковачевски по обиколката на производството истакна дека оваа компанија ги препозна нашите стратешки политики во земјоделството, кои биле од голема помош „Бучен Козјак“ да се развива, осовременува со нова механизација, стручен кадар, за нивниот квалитет да биде препознатлив кај потрошувачите.

Млекарницата освен што користи финансиска поддршка за поврат на инвестиции, исто така аплицирале и за субвенционирано снабдување со електрична енергија, мерка која е дел од пакетот антикризни мерки што ќе одговори на повеќето предизвици наметнати од економската и енергетската криза. Во исто време, со владините антикризни мерки сме потпора и сигурност и за работниците и за работодавците. Исто така со овие мерки овозможивме производителите на прехранбените производи да имаат стабилна и поевтина струја, а тоа очекувам наскоро да влијае и на стабилизирање на цените на производите што ги произведуваат, бидејќи целта ни беше во исто време да ги заштитиме и граѓаните од ценовните шокови. Радува фактот што „Бучен Козјак“ е дел од многуте компании кои инсталирале фотоволтаични системи, за сопствено производство на електрична енергија, со што 30% од електричната енергија си ја произведуваат сами. Со законските измени кои ги направивме освен што се олесни постапката за инсталирање на фотоволтаични системи на покривите на домаќинствата и на индустриските објекти, исто така овозможивме да се врши и размена на електрична енергија“, рече Ковачевски и додаде дека оваа Влада и понатаму ќе ги исполнува ветените обврски и кон граѓаните и кон бизнис секторот.

Министерот Николовски рече дека оваа 2022 година ќе биде запаметена како година во која комплетно ги исплативме заостанатите обврски кон земјоделците.

Подготвивме план и динамика со кој целосно ги исплативме над 20.000 сточари во вкупна вредност од 1,4 милијарди денари, кон одгледувачите на говеда, овци, пчели и кози.

Целосно ја исплативме поддршката за млекопроизводителите за периодот октомври 2020 – септември 2021, со што над 500 милиони денари завршија на сметките кај околу 6.000 млекопроизводители. Дополнителна исплата кон млекопроизводителите реализиравме преку Интервентната програма, каде исплативме 114 милиони денари кон околу 6.000 млекопроизводители.

Овие реализирани мерки од страна на Владата, уште еднаш ја потврдуваат нашата силна посветеност и грижа за секој земјоделец, за секој еден граѓанин.

Со новиот Буџет за 2023 година обезбедивме досега најголем, историски, буџет во земјоделството. Буџет чии средства се обезбедени за реализација на новата земјоделска реформа и новите програми за поддршка поставени на пет клучни столбови за поддршка“, изјави Николовски.

„Бучен Козјак“ има традиција за купување и преработка на млеко долга скоро 40 години. Уште во осумдесеттите години оваа компанија го препознала потенцијалот за откуп на млеко во овој регион, денес дневно преработуваат 50 тони сурово млеко.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.