Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ ќе го поддржи најавениот Закон за минимална плата. ВМРО – ДПМНЕ е партијата во чие време првпат се воведе овој концепт, но за разлика од сега, наместо да чекаме преговори меѓу засегнатите страни и до последен момент да не се знае колкава ќе е минималната плата, во минатото минималната плата се знаеше однапред најмалку една година – изјави денеска пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски.

Тој истакна дека таквата политика доведувала до предвидливост кај стопанските субјекти на идните трошоци кои ќе ги имаат за вработените.

Во оваа прилика би сакал да истакнам дека со новиот Закон за минимална плата и она што е договорено според тоа што го пренесоа медиумите, државата преку собраните даноци во 2022 година ќе даде над 50 милиони евра за субвенција на плати – додаде Стојаноски.

Прaтеникот истакна дека ВМРО – ДПМНЕ најавува амандманска интервенција на законот со цел да не се дозволи урамниловка односно изедначување на платите и демотивација кај вработените кои имаат поголеми работни обврски и сложеност на работните места.

 Токму затоа како пратеничка група ќе бараме усогласување на Колективните договори со новата минимална плата од 18 илјади денари. Очекуваме владејачкото мнозинство да излезе во пресрет на барањата и платите на културните работници, на наставници, на здравствените работници, но и на сите останати вработени во јавниот сектор да пораснат сразмерно со новата минимална плата – потенцираше Стојаноски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.