Да се сведе главното предизборно ветување од страна на СДСМ на зголемување на просечната и на минималната плата на 1.100 и 600 евра, соодветно, до 2028 година, е индикација за целосна безидејност во квалитетна понуда кон граѓаните за наредните парламентарни избори, пишува Трајко Славески во колумна на Плусинфо.

Среќна околност е што СДСМ ќе нема шанса и понатаму да ги залажува македонските граѓани со нереални ветувања, затоа што се предодредени за опозиција по 8. мај оваа година.

Нивното очајничко ветување е неодржливо и претставува гол популизам од следниве причини:

Прво, ретко кој политички субјект пред граѓаните настапува со ветување за зголемување на платите во номинален износ. Тоа е ексклузивна одлика на СДСМ, а од неодамна и на српскиот претседател Вучиќ, што наликува на некоја „Отворен Балкан“ стратегија.

Сериозни политички субјекти ветуваат издржан економски модел, базиран на зголемување на приватните и јавни инвестиции и пораст на продуктивноста; владеење на правото; сериозна борба против корупцијата; јакнење на институциите на пазарната економија; поддршка на ранливите категории граѓани и достоинствен животен стандард за пензионерите и сл.

Второ, оперирањето со просечен износ на нето-платата е погрешно. Многу порелевантен показател за куповната моќ на вработените е медијалната (средна) плата. Кај нас околу 3/4 од вработените примаат плата пониска од просечната. Час поскоро нашите институции, пред сè Државниот завод за статистика, треба да почнат да го објавуваат износот на медијалната (средна) плата, што претставува стандардна практика во меѓународната статистика на пазарот на труд.

Трето, за куповната моќ на доходите релевантна е реалната плата, односно номиналната плата коригирана со стапката на инфлација. Во изминатиот период на владеење на владата предводена од ДУИ/СДСМ поради високата стапка на инфлација (25% кумулативно за 2023 и 2024 година) целокупниот номинален пораст на платите го „изеде“ инфлацијата. Тоа го чувствуваат и граѓаните кои се екстремно незадоволни и покрај номиналниот раст на платите.

Четврто, секое зголемување на платите со политички притисок, преку пораст на минималната плата, ќе води истовремено до повисока стапка на инфлација. Трошоците за труд во голем број сектори и претпријатија се значителна ставка и на работодавачите не им преостанува ништо друго освен таквиот пораст кој го надминува растот на продуктивноста да го префрлат врз цените, што само по себе ја подгрева инфлацијата.

Платите реално може да се зголемуваат само со реален раст на економијата и на продуктивноста на трудот. Во спротивно и понатаму ќе бидеме сведоци на спиралата цени-плати.

Петто, секое зголемување на минималната плата не може а да не биде вкалкулирано во зголемување и на останатите плати во економијата, во приватниот и во јавниот сектор. Во изминатиот период бевме сведоци на бројни протести и штрајкови на вработени во јавниот сектор поради неусогласувањето на нивните плати со зголемувањето на минималната плата, а некои протести, како тој во здравството се најавени за во скоро време. Не може владата да се фали со зголемување на минималната плата, и одредено усогласување кај некои дејности или установи кои преку разни форми на притисок издејствувале повисоки плати за своите вработени, а да им го ускратува правото на усогласување на платите на илјадници други вработени на кои таа самата им е работодавач.

Шесто, секое зголемување на платите што не е резултат на реален раст на додадената вредност на економијата и на продуктивноста води до сериозни макроекономски нерамнотежи. На ова во своите извештаи укажуваат и меѓународните финансиски институции, пред сè ММФ.

Не треба да чуди фактот што во услови на раст на платите кај нас домашната инфлација во изминатите неколку години беше двојно повисока од стапката на инфлација во Еврозоната. Овој сооднос е битен поради фактот што де факто фиксниот курс на денарот е врзан со еврото. Заради оваа разлика во стапките на инфлација во периодот 2015-2023 година, реалниот ефективен курс на денарот, што е најрелевантен показател за конкурентноста на домашната економија, има апрецирано за околу 11-12%, односно за толку е ослабната надворешната конкурентност на домашната економија.

Кога сме кај конкурентноста, илустративна е споредбата со соседна Бугарија, земја-членка на ЕУ. Република Македонија има двојно понизок БДП по глава на жител од Бугарија, а во јануари оваа (2024) година просечната исплатена бруто-плата по вработен беше речиси идентична во двете земји, нешто на 1.000 евра.

Минималната плата во бруто износ, изразена во евра, во моментов во Македонија достигна 540 евра и се изедначи со таа во Србија, го надмина износот што се исплаќа во Црна Гора и е далеку повисока од минималната бруто-плата во Бугарија каде од почетокот на 2024 година изнесува 477 евра.

Седмо, минатата 2023 година македонската економија стагнираше и оствари најниска стапка на раст во регионот од само околу 1%. Во истиот период просечната плата номинално порасна за над 16% и не треба да чуди високата инфлација истата година од над 9% и вградениот потенцијал за висок раст на цените во иднина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.