Синдикатите и Владата денеска постигнаа договор за зголемување на платите и за методологијата за раст на платите во јавниот сектор. Платите во јавниот сектор од 1 септември ќе бидат зголемени за 10 отсто, а вработените ќе добијат 10.000 К-15.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска изјави дека е постигнат договор за потпишување на општиот колективен договор и за сите оние спорни прашања кои со месеци се разговараат со претствниците на синдикатите.

Договоривме дека новата методологија за прсметка на плати за вработените во јавниот сектор ќе започне од март 2025 година. Со сeптемвриската плата во 2023 година ќе биде покачувањето од 10 проценти на платите во јавниот сектор, К-15 до крајот на декември 2023 година во висина од 10.000 денари, а во општиот колективен договор ќе стои одредба за исплатата на К-15 од 2024 година да биде најмалку 30 проценти од висината на просечната плата во изминатата година, вели Тренечевска.

Работната група по интензивни средби и разговори денеска во Министерството за финансии го дефинираше моделот за раст на платите на вработените во јавната администрација.

Постигнато е системско и одржливо решение за пораст на платите за вработените во јавниот сектор. Предлогот, кој заеднички го утврдивме, со претставници на синдикатите, ќе биде доставен до Економско-социјалниот совет, кој на седница, која ќе се одржи наредните денови, треба да се потврди, истакна министерот Фатмир Бесими, кој заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска беа дел од работната група.

Како што додаде решението ги штити интересите на работниците, стандардот, но и истовремено ја следи продуктивноста на домашната економија.

Најзначајно е дека станува збор за решение постигнато преку дијалог, во кој градиме меѓусебна доверба, решение кое воспоставува систем на долг рок и гарантира раст на платите на сите вработените во јавниот сектор и заштита на стандардот на граѓаните, потенцира министерот Бесими.

Покрај 10% раст на платите од септември, во разговорите постигнато е и воведување нова методологија на плати со коефициент според просечната бруто плата од март 2025 година. Исто така, е договорено регресот за годишен одмор да се исплати во износ од 10.000 денари нето за 2023 година, а од 2024 година па понатаму договорено е во општиот колективен договор тој да изнесува најмалку 30% од просечната нето-плата.

Со цел имплементација на договореното во септември ќе се пристапи кон ребаланс на Буџетот.

Дијалогот за раст на платите се води во рамки на Економско-социјалниот совет, каде во изминатиот период на дневен ред беше потпишувањето Општ колективен договор за сите вработени во јавниот сектор, со цел да се воспостави системско решение кое ќе важи за сите подеднакво.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.