БЕГ има законска обврска да обезбедува парно греење, доколку не го направи тоа, тогаш согласно Законот за енергетика може да се соочи со одземање на лиценцата, изајви министерот за економија Крешник Бектеши за телевизија Телма.

Бектеши рече дека Владата ја следи состојбата со топлинската енергија и веќе се разгледуваат повеќе опции со надлежните институции и со сите кои се вклучени во делот на снабдување, дистрибуција и производство на топлинска енергија за да се најдат одредени решенија.

Не само што треба да најдат начин за снабдување, туку БЕГ има и обврска за тоа согласно Законот за енергетика. Носителите на лиценците не може да престанат да ја исполнуваат обврската за испорачување на јавна услуга. Доколку тие прекинат да снабдуваат топлинска енергија, без претходно информирање на Регулаторната комисија за енергетика дека имаат проблем, РКЕ има право и да им ја одземе лиценцата, рече Бектеши.

Тој подвлече дека согласно Законот за енергетика обврска на БЕГ е да има обезбедено количини за снабдување со топлинска енергија со алтернативно гориво во период од 15 дена. Тој информира дека БЕГ нема проблеми со количините на природен гас, кои според информациите веќе се обезбедени, проблем е со цената на гасот и ликвидноста на компанијата.

Бектеши ги потсети Градот Скопје и општините дека имаат и законска обврска да помогнат на граѓаните за поскапувањето на парното.

Ги повикавме Град Скопје и општините во градот во рамки на своите Буџети да се вклучат со креирање мерки за да излезат во пресрет на граѓаните, со цел да се ублажи притосокот со ликвидноста што го имаат компаниите што снабдуваат топлинска енергија во градот. Централната власт ќе им помогне на Град Скопје и општините за префрлање на средства до локалните самоуправи за обезбедување природен гас за греење на јавните институции, рече Бектеши.

Бектеши потенцираше дека Владата и понудила на БЕГ преку Развојната банка кредит со поволни услови со што на индииректен начин ќе се помогне на компанијата.

Да се даваат субвенции на приватни компании, посебно приватни компании кои имаат обврска да ги снабдуваат корисниците со топлинска енергија и вршат јавна услуга, треба да бидеме многу внимателни, бидејќи тие се пари на сите граѓани, рече Бектеши.

Тој потенцираше дека доколку не ги исполнува своите обврски тогаш Владата ќе донесе и тешка и непопуларна одлука како Влада се со цел обезбедување на топлинска енергија за граѓаните.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.