Државната енергетска компанија МЕПСО бара од Регулаторна да и ги зголеми приходите од 68 отсто за нејзината работа. Овој висок процент од МЕПСО го побарале со образложение дека имаат зголемени трошоци за набавка на електрична енергија за обезбедување на загубите во преносната мрежа, кои се купуваат од слободниот пазар по високи цени.

Причините за ваквото барање се повеќеслојни и не се должат на влошени резултати во работењето на компанијата, туку на објективни причини врз кои АД МЕПСО нема никакво влијание, наведуваат од МЕПСО.

Истиот период лани МЕПСО исто така бараше сериозно зголемување на приходите и признавање на нивните трошоци. Тогаш регулаторна, од 88 им призна 23 отсто од трошоците. Инаку, учеството на преносната тарифа на МЕПСО нема големо влијание врз крајната цена на струјата за потрошувачите и таа изнесува околу 4 %.

Во меѓувреме, додека во регулаторна се крчка нова цена на струјата за домаќинствата, граѓаните ги чекаат и најавените тарифници од кои исто така ќе зависи висината на сметките за електрична енергија. Според достапните податоци од РКЕ, но и пресметките на колегите од 360 Степени, може да се види дека на домаќинствата кои добиваат сметки за струја над 10 илјади денари големи се шансите сметките да им пораснат за 50 отсто. Доколку регулаторот одлучи да има три блока на корисници а тие би се движеле од 250 до над 500 потрошени киловат часови електрична енергија, тарифирањето би се движело од нешто над 7 денари за киловат час во првите два блока, но двојно повеќе односно над 15 денари за киловат час кај домаќинствата кои што повеќе трошат.

Регулаторот уверува дека граѓаните кои ги замениле грејните тела на дрва и купиле клими, инвертори или слични апарати на струја дека нема да влезат во последниот тарифен блок кој ќе добива највисоки сметки, туку за нив ќе има посебно тарифи модели. Сега останува регулаторна да ги прочешла трошоците на енергетските компании и да објави колку од нив прифаќа, да се утврди цената по која ЕСМ ќе ја продаде струјата на Универзалниот снабдувач и потоа да се доработат новите тарифни модели по кои граѓаните ќе ја плаќаат во иднина новата поскапа струја.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.