Иновативни решенија за ублажување на социо-економските последици од пандемијата на КОВИД-19, заеднички спроведени од компании од Србија, Македонија и Албанија денеска беа претставени во седиштето на ОН во Скопје.

Како што информира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), партнерството на компаниите е поддржано од Република Србија, како дел од нејзината официјална помош за развој на Република Македонија и Република Албанија, со иницијативата за регионална соработка Отворен Балкан.

Вкупно шест иновативни решенија беа одбрани на повикот за предизвик што минатата година го објави Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Целта на повикот беше да се овозможи размена на знаења и експертиза меѓу земјите партнери во иницијативата Отворен Балкан и да се придонесе за нивно опоравување од последиците од КОВИД-19 кризата.

-Долгорочното влијание на пандемијата со КОВИД-19 наверојатно ќе доведе до пораст на бројот на лицата кои се изложени на ризик од сиромаштија, назадување во образованието и здравството, и продлабочување на нееднаквоста. Ова ќе го поткопа постигнатиот и идниот напредок кон остварување на Целите за одржлив развој. УНДП го поддржува заедничкиот одговор на земјите од Западен Балкан на овие предизвици, ќе им помогне соодветно да одговорат на овие предизвици и да станат отпорни на сегашни и идни кризи, изјави заменик постојаниот претставник на УНДП во Македонија Сања Бојаниќ.

Амбасадорката на Република Србија во земјава Невена Јовановиќ изјави дека поддршката што компаниите од Србија им ја пружија на партнерските компании во Македонија и во Албанија во рамки на оваа иницијатива се одличен пример како идеите, врз кои почива Отворен Балкан, за многу кратко време се реализираат во пракса.

-Освен што ја унапредува регионалната соработка, оваа иницијатива отвора врати и за натамошно директно поврзување на компаниите учеснички во Отворен Балкан, додаде амбасадоркара Јовановиќ.

-КОВИД-19 пандемијата нè потсети колку е важна регионалната соработка, каква што е иницијативата Отворен Балкан, за заеднички одговор на вакви кризи кои ги надминуваат националните граници. Како дел од нашата развојна помош во рамките на оваа иницијатива, Република Србија обезбеди речиси 200.000 долари како поддршка за Република Македонија и Република Албанија побрзо да се опорават од социо-економските последици од пандемијата. Овие средства им овозможија на српските компании да ги споделат своите знаења и експертиза со партнери од Македонија и Албанија, изјави Даниел Николиќ, помошник генерален секретар во Владата на Република Србија.

Заедно со српските партнери, четири компании во Македонија развија алгоритам за поточно толкување на резултатите од тестирањето за КОВИД-19 антитела, интернет и мобилна апликација за пристап од далечина до здравствените услуги, бесплатна дигитална алатка за учење за ученици и дигитално решение за поефикасно управување со индустриски мали и средни претпријатија (МСП).

Две компании од Србија им помогнаа на компаниите партнери од Албанија да воведат брз антигенски тест за откривање на корона вирусот во раната фаза на инфекција и кај асимптоматски пациенти, и да развијат дигитална платформа за проценка на еколошкото и социјалното влијание на нови инвестициски проекти.

Спроведувањето на иновативни решенија како одговор на кризата предизвикана од КОВИД-19 пандемијата во Македонија и Албанија е поддржано во рамки на проектот „Договор за развојни услуги – рамка за забрзување на ЦОР“, финансиран од Владата на Србија и спроведен од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.