Германските компании во земјава ја оценуваат бизнис климата како добра или многу добра, но има тренд на благо намалување на планираните инвестиции, а една од причините за тоа е недостигот на стручни кадри.

Анкетата спроведена меѓу германските инвеститори и компании членки на Македонско- германското стопанско здружение покажува дека 37 проценти од нив изјавиле дека имаат намера да ги намалат планираните тековни инвестиции, 33 проценти да ги остават на исто ниво, а 30 проценти да ги зголемат инвестициите. Доколку овие податоци се споредат со минатите години може да се забележи дека има мало намалување во однос на инвестиците.

Еден од одлучувачките фактори е се поголемиот недостиг на стручни кадри. Дури 70 проценти од германските компании во земјава сметаат дека недостигот на стручни кадри е еден од најголемите ризици, а недостигот на стручни кадри се одразува врз тековното производство и на намалување на планираните тековни инвестиции. Педесет и седим проценти сметаат дека и трошоците на работењето се еден од факторите за ризик, а 47 проценти сметат дека влијае и економско-политичката ситуација – истакна Антје Ванделт, директорка на АХК  Македонија, надлежна и за Албанија и Косово на денешната прес-конференција во Скопје.

Сепак, како што беше посочено на прес-конференцијата,  Македонија останува атрактивна локација за инвестирање на германските компании за што говори податокот од анкетата дека 69 проценти од компаниите изјавиле дека повторно би инвестирале во земјава.

Германските инвеститори во земјава бараат продолжување на дијалогот со надлежните институции во земјава, консултации пред да се донесат законски измени кои би влијаеле врз нивното работење, зголемување на ефикасноста на администрацијата и завршување на инфраструктурните проекти.

Иако е рано за Нова Година, ние би сакале да ги доставиме нашите новогодишни желби до новата Влада, а тоа се продолжување на отворениот дијалог, консултации со економските тела како коморите и економските здруженија пред да се носат законски измени кои би се одразиле врз работењето на компаниите, зголемување на ефикасноста во делот на административните процеси, како што се издавањето на дозволи за престој, дозволи за работа и поголема трнаспарентност во нивние процеси, како и продолжување и завршување на веќе започнатите инфраструктурни проекти – рече Ванделт.

Според Македонско- германското стопанско здружение, досега германските инвеститори во земјава немаат добиено директна понуда да дадат мито, но она со коешто се соочиле во работењето е дека некои процеси многу се пролонгираат, како на пример процесот на вадење работни дозволи за странци или други дозволи што им се потребни на компаниите, а за кои немаат конкретен одговор, односно не знаат зошто одлуката не е донесена, зошто се одбиени…..

Во однос на рецесијата во Германија и како таа ќе се одрази врз земјава, според Ванделт, Македонија може да профитира од тоа затоа што германските компании ги префрлаат своите производни капацитети во други држави.

Можеме да кажеме дека едноставно во Германија дојде до рецесијата поради тоа што се префрла производството од Германија, така што директно можеме да кажеме дека Македонија може да профитира од рецесијата во Германија, односно германските компании бараат други пазари каде што можат да ги префрлат своите цели производни процеси. Тоа и се случува. Затоа имаме и големи реинвестиции од страна на скоро сите германски инвеститори коишто се во земјата и сега засега тоа се одвива многу позитивно. Наша проценка е дека тоа и во иднина ќе продолжи така – да се префрла се повеќе производството наваму – нагласува Ванделт.

Во земјава има повеќе од 200 германски компании кои вработуваат над 20 илјади вработени и имаат важен удел во инвестициите во Македонија. Во текот на 2023 година има и нови германски инвеститори, но и голем дел од компаниите реинвестирале во државата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.