Премиерот Димитар Ковачевски смета дека со носењето на Законот за нефер трговски практики ќе бидат исклучени можностите да се користат неетички практики со цел да се остварат поголеми стапки на добивка и дека ќе придонесе за намалување на цените на производите.

-Законот за забрана на нефер трговски практики го регулира синџирот од производство до продажба на финален производ наменет за домашниот пазар. Со него ќе бидат исклучени можностите да се користат неетички практики со цел одредени играчи во дистрибутивниот канал без разлика дали се тоа големопродавачи или малопродавачи да ја користат својата доминантна пазарна позиција и за остварување на поголеми стапки на добивка визави производителите и визави купувачите, рече Ковачевски во одговор на прашање при денешната посета на скопската компанија Мако Маркет заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и додаде дека мисли оти законското решение е веќе излезено на ЕНЕР.

Посочи дека останатите производи се регулирани согласно други закони.

-Горивата се регулирани од страна на РКЕ, потоа постојат и други институции коишто го регулираат тргувањето со други производи. За лековите постои МАЛМЕД, постојат и други институции чие што работење исто така ќе го споредиме со најдобрите практики во ЕУ и исто така ќе може и тука да се направат интервенции, прецизира Ковачевски.

Како ќе се приближуваме кон ЕУ, додаде, така ќе има се повеќе и повеќе закони коишто досега не се ни претпоставувало дека може да бидат имплементирани во нашата држава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.