Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за преземени активности во врска со прогласената кризна состојба на дел од територијата на Република Македонија, на подрачјата на Општина Делчево и Општина Крива Паланка и донесе Одлука за утврдување на општинските патишта и улици, за коишто работите за рехабилитација и реконстуркција ќе ги вршат јавни државни претпријатија.

Со Одлуката, како што е образложено од предлагачот, Министерството за транспорт и врски, практично се овозможува на Јавното претпријатие за одржување магистрални и регионални патишта и на Јавното претпријатие за државни патишта – и покрај тоа што станува збор за општински улици и патишта, во интерес на граѓаните, да ги преземат сите потребни мерки и активности за санирање, заштита и реконструирање на улиците во општините Делчево и Крива Паланка.

Oва е направено по доставено известување од Општината Крива Паланка, со листа на приоритети за санација на штетите на инфраструктура коишто се во надлежност на општината и листа на приоритети на инфраструктурни објекти коишто се во надлежност на републиката, како и доставено известување од Општина Делчево, со листа на приоритети за улиците, атмосферските канализации, регулација на реките и мостот на река Брегалница.

Со цел ефикасност во постапувањето, Владата ги задолжи Јавното претпријатие за државни патишта и Јавното претпријатие за одржување магистрални и регионални патишта, во рок од 6 месеци, да достават Извештај за извршената рехабилитација и реконструкција на утврдените општински улици и патишта.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.