Недела неработен ден е реалност и работниците веќе ги уживаат бенефитите од ова законско решение. Иницијативата на Стопанската комора беше еден вид изненадување за нас, но лично сметам дека недела како законско решение ќе остане неработен ден за 92 проценти од работниците, вели во интервју за МИА претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски.

Задоволен е од спроведувањето на ова законско решение, а за сите забележани неправилности вели дека поднеле пријави до Инспекторатот за труд и до Пазарниот инспекторат за што веќе се изречени и првите санкции. Неправилности се констатирани во маркети и пекари, а според синдикатот, спорни се и спортските обложувалници, казината и угостителските објекти од типот на кафичи каде не се служи храна.

Секаде каде имаме поплаки, пријавивме до Државниот инспекторат за труд и до Пазарниот инспекторат и како што гледате веќе има резултати. Четворица работодавачи кои го прекршиле законот, веќе се парично казнети и затворени 15 дена. Дополнително, онаму каде што сметавме, како што се спортските обложувачници и коцкарници кои не се предвидени во дејностите кои можат да работат во недела, пративме претставки до Министерството за труд и социјална политика и до Министерството за финансии бидејќи очигледно на тие дејности, некој со мислење, а не со законот, им дал да работат. Тоа за нас е неприфатливо бидејќи мислењето не може да го дерогира законот, а законот е јасен дека сите оние дејности кои не се пропишани за работа во недела, не можат да работат. А тоа ни се случува со спортските обложувачници и коцкарниците- посочува Димовски.

Како следен чекор, Димовски најавува дека во текот на февруари синдикатот ќе почне кампања со која секој месец ќе бидат опфатени по две дејности во кои ќе се анализира дали навистина се почитува исплатата на дневница за работа во недела.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.