Полициски службеници на СВР Тетово, вчера околу 16 часот го лишиле од слобода 24-годишниот тетовец М.Н., кој претходно бил пријавен од неговиот 48-годишен татко дека во семејниот дом физички го нападнал и му се заканил со остар предмет.
Тој е задржан во Полициска станица Тетово за расчистување и документирање на случајот, по што ќе му биде изготвен соодветен поднесок, велат од СВР Тетово.
Според последните статистики, во текот на минатата 2023 година на подрачјето на СВР Тетово евидентирани се вкупно 132 кривични дела поврзани со семејно насилство од кои 71 во тетовскиот регион, а 60 на гостиварското подрачје. Вкупната бројка е за 21 дело помалку во споредба со претходната година.
Повеќе од половината од овие дела (ТЕ-38 и ГВ-37) биле со нанесување телесни повреди. Во ланските кривични дела вкупно бил инволвиран, односно пријавен 131 сторител, а најголемиот број од нив се целосно расчистени и заокружени со 113 кривични пријави. Меѓу сторители и натаму се најбројни машките лица (122), претежно сопрузи, поранешни, вонбрачни сопрузи, татковци, синови и други, а се среќаваат и 9 женски лица-сторители на ваков вид насилство. Бројот на „жртвите“ на семејно насилство во овој период, пак, изнесувал 130, од кои дури 106 биле женски лица (сопруги, поранешни, вонбрачни, мајки, сестри), како и 24 машки лица, најмногу татковци и синови, вели портпаролот Марјан Јосифоски.
Според анализата на податоците за 2023 година најчести причини за овој вид насилство, според досегашните сознанија и професионални искуства на СВР Тетово, се нервните растројства, разните пороци, а пред сè алкохол, дрога и друго.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.