Полициски службеници од СВР Велес – ОВР Кавадарци во координација со Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за општ и насилен криминал, по преземени оперативни мерки и активности вчера ја лишеја од слобода М.Б.(51) од Кавадарци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство“ по чл. 123 од Кривичниот законик, соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи.

На 6ти овој месец, осомничената била во домот на И.М.(70) во Кавадарци, со кого била во љубовна врска, и по вербална расправија, настанала меѓусебна физичка пресметка, во која осомничената со остар предмет му нанела повреди на И.М., а потоа истурила запалива течност врз телото, го запалила и го напуштила местото.

По преземени мерки и активности по наредба од Основен суд Кавадарци извршени се претреси во домот на осомничената, при што се пронајдени и одземени предмети кои потекнуваат од кривичното дело, а при извршен службен разговор, таа делото го појаснила во целост.

Од ОВР Кавадарци до Основното јавно обвинителство Кавадарци против М.Б. е поднесена кривична пријава, а од страна на судија од Основен суд Кавадарци одредена ѝ е мерка притвор во времетраење од 30 дена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.