Полициски службеници од Одделот за униформирана полиција на подрачјата на секторите за внатрешни работи Скопје, Битола, Охрид, Куманово, Штип, Велес и Тетово, ноќеска од 00.00 до 04.00 часот, спровеле акциска контрола во угостителски објекти за присуство на малолетници по полноќ, како и за точење алкохол на малолетници.

Притоа, на подрачјето на СВР Скопје била извршена контрола во пет спортски обложувалници, а на подрачјето на СВР Велес контролата била спроведена во координација со претставници на Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи.

При контролите било констатирано едно кривично дело по член 215 од Кривичниот законик и еден прекршок по член 80 од Законот за оружје, како и осум прекршоци по Законот за прекршоците против јавниот ред и мир и еден по Законот за лична карта.

 

При контрола во казино на ул.„Маршал Тито“ во Тетово, ноќеска во 2 часот од слобода бил лишен К.М.(41) од Тетово, кај кого била пронајдена бела прашкаста материја, информираат од МВР.

Оттаму додаваат дека по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Истовремено, во истото казино, кај лицето А.Ј.(24) од Тетово бил пронајден и одземен нож. Против него ќе има поднесок по член 80 од Законот за оружје, се наведува во соопштението на МВР.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.