Основниот суд Скопје 2 го одби тужбеното барање на Орце Камчев за оштетното побарување од Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева за случајот „Рекет“.

Како што стои во соопштението од Основниот Граѓански суд, со пресуда тужбеното барање е одбиено како неосновано.

При објавата, судијата – претседател на советот во образложение на ваквата одлука изјавил дека „Странката која дејствувала несовесно не може да го бара назад она што го дала на странката која дејствувала исто така несовесно“.

Камчев бараше од Катица Јанева и Бојан Јовановски да му исплатат 1,5 милиони евра, кои наводно ги дал како рекет, откако претходно на едно од рочиштата тој ја повлече тужбата против Зоран Милески-Кичеец.

Во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски доби затвор од девет години за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, додека Јанева е осудена на седум години затворска казна за злоупотреба на службената положба и овластување.

Според обвинителниот акт, Бојан Јовановски влијаел врз Катица Јанева, за таа да бара поблаги мерки против Јордан Камчев, обвинет во предметот „Империја“, случај кој го почна поранешното Специјално јавно обвинителство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.